Продолжува сообраќајниот хаос низ охридските улици, најчесто предизвикан поради недостигот од паркинг места. Возачите понекогаш губат и по половина час за да го паркираат своето возило.
 
Според податоците од Локалната самоуправа, централното градско подрачје располага со само 1. 400 паркинг места, бројка која ни приближно не ги задоволува потребите на градот со оглед дека во Охрид се регистрирани над 17. 000 возила.

Хаосот е присутен и поради фактот што капацитетот на улиците за поднесување на сообраќајот е три пати помал од колку бројот на регистрирани возила. Во летниот период состојбата е уште посложена со оглед на фактот што во овој период во градот бројот на возила се зголемува со уште најмалку пет до десет илјади автомобили на туристите кои престојуваат во Охрид, велат експертите по сообраќај.       

Излез од ваквиот сообраќаен хаос, кој од година во година е се поголем, се гледа во изградбата на трите катни гаражи во централното градско подрачје. Според плановите на Локална самоуправа, предвидените локации за оваа намена се кај градскиот пазар, Горна Порта и кај Центарот за култура.

За нивната изградба се чека поради решавање на сопственоста на земјиштето. На дел од локациите предвидени за изградба на гаражите, сопственик е државата.

Штом земјиштето се префрли во сопственост на Локалната самоуправа ќе распишеме тендер за изградба на катна гаража кај градскиот пазар, која е предвидена со урбанистичкото решение донесено уште пред две години, вели градоначалникот Александар Петрески и додава дека тоа е и првата локација на која ќе се гради катна гаража. Под пазарот е предвидена изградба и на подземна гаража.

Со изградбата на катните гаражи се очекува во голема мера намалување на сообраќајниот хаос.

OhridNews