Според најновите податоци на ТАВ Македонија, во мај годинава, бројот на патници на аеродромите во Охрид и Скопје е поголем за 27 проценти, споредено со истиот период минатата година.

Од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ патувале 8.337, а преку скопскиот „Александар Велики“ 87.992 патници, односно вкупно 96.329 патници.

Во текот на првите пет месеци од 2013 година во споредба со минатата година, има зголемување на бројот на патници од 16.4% со вкупно 365.358 превезени патници.

Според податоците на ТАВ, зголемување е забележано и кај бројот на летови, односно движења на воздухоплови. Од јануари до мај биле реализирани 4.564 операции на воздухоплови што е зголемување од 6.9% во споредба со истиот период од 2012 година, додека, пак, во мај има значително зголемување од дури 19.8% во споредба со истиот месец минатата година.

Зголемувањето се должи на воведувањето нови линии на нискотарифниот авипревозник „Визер“, поради зголемувањето на фреквенциите на некои од постоечките авиокомпании, но и поради одржувањето на изборите во Македонија.

Најпопуларна дестинација од скопскиот аеродром во мај, но и во текот на изминатите пет месеци, од јануари до мај, била Истанбул, па потоа следат Виена, Цирих, Лондон и Љубљана. Најмногу патници патувале со нискотарифниот авиопревозник „Визер“, па со „Туркиш ерлајнс“, „Аустриан ерлајнс“, „Адриа ервејс“ и „Пегасус ерлајнс“.

OhridNews