Бројот на странски туристи што ја посетиле Македонија оваа година во споредба со минатата е зголемен за 20 проценти, но тој сеуште е далеку под нивото од 80-те години на минатиот век, кога земјава во просек ја посетувале речиси еден милион туристи, за разлика од сега кога таа бројка е сведена на околу 580.000. Ова вчера го изјави министарот за економија Фатмир Бесими по средбата со генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи, кој беше во дводневна посета на Македонија, во рамки на која го посети и Охрид.

-Бројот на туристите во првите пет
месеци е 180.000 што е  зголемување за 6,4 отсто. Од овие, 106.000 се
странци. Нивниот број спроедено со истиот период лани е зголемен за над
20 проценти. Ако денес појдете во Охрид, сигурно потешко ќе најдете
место за преноќување во некој од хотелите за разлика од петходните
години. Македонија во овој правец покажува резултати, но тоа не значи
дега со сегашната ниво треба да бидеме задоволни, Напротив, треба да ги
искористиме сите потенцијали за развој на туризмот кој опфаќа значителен
број вработени, мали и средни претпријатија, истакна Бесими.

На средбата со генералниот секретар на Светската туристичка организација било разговарано за имплементација на Стратегијата за развој на туризмот изготвена во соработка со УНДП и Светска банка и за интензивирање на регионалната соработка. Во тој контекст високиот гостин ја истакнал неопходноста земјите од Балканот и Југоисточна Европа да работат заедно за да ги надминат големиот број предизвици со кои се уште се соочуваат за да се олесни движењето на луѓето, посетителите и туристите воопшто.

Генералниот секретар Талеб Рифаи , деновиве оствари средба и со хотелиерите од охридско-струшката ривиера на која стана збор за можноста Македонија да ги искористи капацитетите и добрите практики на Светската туристичка организација, пред се во едукација и доедукација на професионалниот кадар.

OhridNews