Зголемен интересот кај бруцошите за студиските програми при Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Во првиот уписен рок се пријавиле 153 студенти во сите студиски програми што претставува околу 50 отсто од вкупната квота што ја има ФТУ и тоа е 14 отсто повеќе во споредба со минатата година.
Имаме студенти на сите студиски програми, меѓутоа најатрактивни се насоките Царина и шпедиција и Менаџмент во услужен сектор во кои веќе е пополнета државната квота и добар дел е пополнета квотата за студенти со самофинансирање, а на останатите студиски програми има уште места и за во државна квота и во приватните квоти. Очекуваме дека и во вториот и во третиот уписен рок ќе има интерес за прием на нови студенти, вели деканот на ФТУ Проф. Д-р Цветко Андреески.
На ФТУ студентите кои се запишуваат во прва година бираат од вкупно шест студиски програми и тоа: Туризам, Царина и шпедиција, Осигурување, Гастрономија, Хотелско ресторански менаџмент и Менаџмент во услужен сектор и две од студиските програми кои се одвиваат на англиски јазик односно Туризам и Царина и шпедиција.

Сеуште нема дефинитивна одлука за тоа како ќе се одвива наставата, меѓутоа според она што е разговарано со Ректоратот на нашиот универзитет, наставата, барем во периодот додека се високи бројките на заразени ќе се одвива хибридно, дел ќе биде онлајн, дел со физичко присуство. Оние предмети каде што се изучуваат вештини, каде што се презентираат активности во самиот факултет ќе бидат со физичко присуство, додека оние наставни содржини каде што претежно се учи теоретски ќе бидат онлајн, вели Андреески
Вториот уписен рок на ФТУ е на 15 и 16.09.2021, додека третиот на 27.09.2021.
На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид запишани се околу 40 студенти и има слободни места на сите факултети. Најмногу студенти се запишани на Компјутерски науки и инженерство, таму веќе и речиси е пополнета и државната квота, вели Елена Јовческа од Универзитетот „Св.Апостол Павле“.
И годинава е забележан интерес од страна на странски студенти.
Моментално се врши нострификација на дипломите на странските студенти кои се заинтересирани за упис, па откако ќе се заврши со признавање на валидноста на документите ќе се изврши уписот на странски студенти. Заинтересирани студенти има од Швајцарија, Русија, Африка, Албанија, вели Јовческа.
Се уште нема одлука како ќе се одвива наставата во академската 2021/2022г, одлуката ја носи Сенатот на Универзитетот и истата ќе се донесе во зависност од епидемиолошката ситуација, додаваат од „Св.Апостол Павле“
На Факултетот за информатички науки и технологии студентите бираат помеѓу четири годишните насоки: Компјутерски науки и инженерство, Комуникациски мрежи и безбедност, Машинска интелигенција и роботика, Информациски и комуникациски системи за бизнис и менаџмент, Применети информатичко-комуникациски технологии (Е-Влада, Е-Бизнис, Е-Култура) и помеѓу три годишни програми: Информатички системи, Визуелизација, Дигитална мултимедијална и анимациска техника. Вториот и третиот уписен рок се на 20 и 21.09.2021 и 30.09.2021.
К.А















