Охридскиот атлетски митинг е на самиот почеток и се надевам дека тој ќе прерасне во традиционален и еден ден ќе биде дел од светската Дијамантска лига, истакна на средбата со новинарите во Охрид неприкосновениот владател на атлетските височини, светскиот рекордер во скок со стап и амбасадор на УНЕСКО, Сергеј Бубка.

– Верувам во иднината на овој митинг. Да не верував во тоа, немаше денеска да бидам тука, истакна Бубка.


Промоторот на првиот атлетски митинг Охрид 2010 што ќе се одржи на новата тартан патека на СРЦ „Билјанини извори“, која свечено ќе биде отворена утре, оствари средба и  со премиерот Никола Груевски со кого разговарале за поддршката на Владата на атлетиката и на спортот воопшто.

Познато ми е колку е тешко да се организира вакво натпреварување, колку се тешки почетоците, колку време треба да се привлече вниманието на луѓето. Се надевам дека овој настан од година во година ќе добива на публицитет и бројност, а во функција на промоција на Охрид и Македонија, но и на атлетиката воопшто, рече Бубка.


Легендарниот Бубка е член на Меѓународниот олимписки комитет и потпретседател на Европската атлетска федерација и неуморно работи на промовирање на спортот. Од Охрид тој упати и порака  до најмладите, да спортуваат, истакнувајќи ги продибивките од водењето активен физички живот.

– Сакам да им објаснам на младите дека активното спортување помага за правилен физички, но и ментален развој. Спортувањето секако придонесува во изградбата на нивниот карактер, постигнувањето хармонија во животот. Преку спортувањето градат силен карактер, создаваат ред во нивното секојдневие, стануваат силни личности. Ваквите настани ќе помогнат во насока на изградувањето на младите во здрави и морални личности, кои се најголемото богатство на секое општество, подвлече Бубка.


На Меѓународниот атлетски митинг “Охрид 2010“ што  ќе се одржи на 19 мај, учество ќе земат осумдесетина атлетичари од Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Турција и од Босна и Херцеговина.

– Ѕвезда на митингот ќе биде романецот Марјан Опреа, освојувачот на сребрен медал во дисциплината трискок на Олимписките игри во Атина 2004 и бронзен медал на Светското првенство од 2005 година, изјави Иван Цветкоски, директор на митингот.

Претседателот на Атлетската федерација на Македонија, Цветко Грозданов, истакна дека во иднина митингот во Охрид ќе има поголема поддршка од државата, што ветува негова перспектива.

На прес конференцијата со Бубка, кој е промотор на Меѓународниот атлетски митинг во Охрид, новинарите имаа можност од големиот ас да чујат пикантерии за неговите спортски подвизи, за уривањето на светските рекорди и неговиот ангажман во популаризирањето на атлетиката и спортот во неговата родна Украина и во светот. Искрен, непосреден и голем, каков што беше и на тартанот, Бубка ги воодушеви новинарите со своите одговори. Рече дека е уверен оти неговиот светски рекорд од 6 метри и 15 сантиметри еден ден ќе биде соборен и дека ќе му биде мило тоа да се случи. Не одби ниту едно прашање, одговарајќи и на скокотливите забелешки за премиите кои небесниот скокач ги добиваше за освојувањето на височините сантиметар по сантиметар.

Г. Момироски