Намалување на расходната страна на буџетот за околу  123 милиони евра  или 7,6 милијарди денари,  надолна корекција на прогнозата за економски раст на 2,5 отсто и инфлација од 2,8 отсто. Ова се главните карактеристики на ребалансот на државниот буџет, што вчера беше усвоен на седница на македонската влада.

Како што појасни вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески потребата за корекциите во буџетот се последица од кулминацијата на економската криза во еврозоната, а рецесијата во повеќе европски држави се одразила и врз буџетските приходи на Македонија. Надолната корекција на проекцијата за растот на БДП е извршена врз параметрите од првите три месеци од годината, кога е забележан пад на индустриското производство, што веројатно ќе предизвика негативна стапка на раст во првиот квартал од годината, појасни Ставрески.

-Нашите очекување се дека во останатите три квартали од годината  ќе има подобрување на економската состојба и со антиципираната негативна стапка на раст за првото тромесечје, вкупно за целата година очекуваме раст од 2,5 проценти, изјави Ставрески.

Тој додаде дека оваа бројка е сосема близу со предвидениот раст на ММФ, кој денеска потврди дека очекува македонската економија да се зголеми за два отсто.

Проекциите за инфлацијата за 2012 година се пораст од 2,8 проценти, коишто истотака главно го рефлектира остварениот пораст на цените во првите месеци како последица на поскапувањето на нафтата на светските берзи, информираше Ставрески, нагласувајќи дека се очекува стабилизирање на цените до крајот на годината, поради што е направена наведената проценка за движењето на инфлацијата во текот на годината.

Ставрески истакна дека ниту едно министерство нема да биде поштедено од кратењето на расходите, и дека ќе се штеди во три категории – стоки и услуги, трансфери и капиталните расходи.

-Буквално се крати кај сите министерства и процентот е сличен. Таков и беше договорот сите министерства да учествуваат во штедењето, бидејќи времињата се такви и никој неможе да биде исклучен, рече Ставрески.

Тој информираше дека  владата донела одлука да се задолжи кај најголемата европска комерцијална банка, Дојче банк за 250 милиони евра, кои ќе бидат вратени за пет години по камата од 6,83 отсто. Овие пари ќе бидат наменети за финансирање на буџетски проекти, но и за рефинансирање на еврообврзницата која доспева на почетокот на наредната година.

OhridNews
Извор: Макфакс