Министерството за правда на Бугарија веќе подолго од една година ги проверува процедурите врз основа на кои биле издавани илјадници бугарски пасоши на странски државјани и реши строго да ги применува одредбите од Законот за бугарско државјанство, информира порталот МКД. Мк. На дополнително преиспитување досега се вратени илјадници барања за бугарски пасош. Сите треба навистина да докажат дека имаат бугарско потекло.

Веќе подолго време бугарските медиуми отворено пишуваат за леснотијата со која странски државјавни, најмногу од Србија, Молдавија, Албанија, Косово и од Македонија, добиваат бугарски пасоши. Бугарските власти за ова биле предупредени и од Брисел. Досега, бугарски пасош се добивал и само со изјава за бугарско потекло на мајка, татко, дедо…

Илија Ангелов, заменик-министер за правда на Бугарија во изјавата за весникот „Труд“ вели дека е ставен крајот на таквата практика и дека веќе се преиспитуваат документите на тие што се во процедура за да се види дали ги исполнуваат новите правила. Ангелов не кажа дали се подготвени да ги преиспитаат и веќе издадените пасоши. Сепак, заменик-министерот изјавува дека ова е крај на пазарот со бугарски државјанства.

„Државната агенција за Бугари во странство незаконски издавала уверенија за бугарско потекло. Илјадници странски граѓани добиле државјанства без соодветни документи. Тоа е прекршување на Законот за бугарско државјанство, кој отсега стриктно ќе применува. Само лани биле проверени повеќе од 12.000 барања за државјанство, од кои над 5.000 биле вратени на дополнително преиспитување“, вели Ангелов.

Службеници на Министерството за правда потврдуваат дека изминативе години голем број на странци незаконски добиле бугарско државјанство, без никаков доказ дека имаат бугарско потекло. Многумина странци, Арапи, Албанци со преведувач доаѓале по пасош и докажувале дека се Бугари. Проверка на ваквите постапки врши и бугарското обвинителство. Проверени биле 810 предмети, а кај 717 од нив е утврдено дека не се почитувала процедурата пропишана со Законот за бугарско државјанство. Службениците на Државната агенција за Бугари во странство изјавувале дека пасошите ги издавале врз основа 4 книги: „Мајка Бугарија и нејзините чеда“, „Не заблудата, туку лагата за гагаузите”, „Бугарите во Албанија и Косово“ и „Бугарите от Голо брдо, Албанија”. Во сите ови книги пишува за бугарското потекло на граѓаните во соседните држави на Бугарија.

Бугарската партија ВМРО за денеска закажа протест пред зградата на Министерството за правда во Софија поради тоа што одлучиле конечно Законот за бугарско државјанство да се применува.

OhridNews

извор: МКД.мк