ДАРА со „Bangaranga“ и донесе историска прва победа на Бугарија на 70. издание на Евровизија.
Бугарија е победник на 70. јубилејно издание на Изборот за песна на Евровизија – Евросонг 2026, што синоќа се одржа во австриската престолнина Виена. Бугарската претставничка ДАРА триумфираше со песната „Bangaranga“, освојувајќи вкупно 516 поени од стручното жири и публиката.
Ова е прва победа за Бугарија во историјата на натпреварот, откако земјата дебитираше на Евровизија во 2005 година, а по неколкугодишна пауза годинава повторно се врати на сцената.
Второто место му припадна на Израел со песната „Michelle“ во изведба на Ноам Бетан, кој освои 343 поени, додека третопласирана беше Романија. Во финалето настапија 25 земји.

Финалната вечер се одржа во арената „Wiener Stadthalle“ во Виена пред околу 10.000 гледачи, а спектаклот традиционално го следеа повеќе од 100 милиони луѓе ширум светот.
Јубилејниот Евросонг годинава мина и во сенка на политички контроверзии и протести поврзани со учеството на Израел, поради што неколку земји го бојкотираа натпреварот. Европската радиодифузна унија воведе и измени во правилата за гласање, ограничувајќи го бројот на гласови по корисник.
Македонија не учествуваше на Евросонг 2026.
OhridNews
Фото: Евросонг – Фејсбук









