Во организација на центарот за културен проток АРТерија и во соработка со Центарот за култура „Григор Прличев“ , вчера и денес во Охрид гостуваат бугарските уметници Викторија Георгиева и Николај Божинов.
Покрај самостојната изложба на Викторија во Музеј Робевци, Охрид е дел од нивниот балкански караван за сликање мурали. После учеството на неколку street art фестивали во Бугарија, овие два дена тие сликаат свој мурал во Охрид, на еден од ѕидовите на центарот за култура „Григор Прличев“. Повеќе од четири години на заедничката работа, Георгиева Божинов не престануваат да ре-измислуваат и дејствуваат во природа. Двајцата се дипломирани ликовни уметници, работат на самостојни проекти, но и заедно, при што го преобразуваат секој градски простор или напуштено место, диви ливади и шуми.
“Муралите или ѕидно сликарство станува тренд на новото време. Оваа своевидна применета уметност го доживува својот бум токму во 20-тите и 30-тите години од минатиот век, со појавата на мексиканскиот мурализам. Без оглед што пораките на овие мурали (најпознат претставник е Диего Ривера) се произлезени од мексиканскиот постреволуционерен период, што значи дека се длабоко социјални, национални и политички, муралистичкото сликарство врши огромно влијание врз целиот американски континент (особено во САД), а подоцна низ цел свет. На тој начин, муралите ја добиваат својата уметничка легитимација, која трае до денешни денови. Денес, во нешто поизменета форма, муралите се појавуваат како „улично сликарство“, односно „графитни мурали“, а претставниците на оваа форма (најпознат е Англичанецот Бенкси) веќе имаат централни места во светските уметнички галерии.”
OhridNews