Бурна расправа на четиринаесетта седница на Советот на Општина Охрид предизвикаа реконструкцијата на охридската гимназија и подготвеноста за почетокот на учебната година. Според опозицијата во Гимназијата во тек сеуште се градежни активности, па упатија прашања дали училиштето во состојбата во која се наоѓа во моментов ги исполнува минималните услови за почеток на учебната година.
Директорката на Гимназијата Светлана Велкоска уверува дека обезбедени се потребните услови за одржување на настава на два ката, додека останатите ќе продожат да се уредуваат.
На седницата беше посочено и дека сите основни и средни училишта се подготвени за почеток на учебната година, а доставени се и учебниците.
Дали безбедноста на наставниот кадар и учениците кои учат таму е на највисоко ниво? Кога ќе завршат сите градежни работи, затоа што е очигледно дека не се завршени? И дали треба и дали е направен технички прием, затоа што таму треба да учат, покрај учениците и наставниот кадар, а безбедноста на сите треба да биде на највисоко ниво?, праша советникот Јане Тодороски.
Дали утре на 1-ви септември гимназијата ќе биде готова? Не дали привршува, не дали ќе биде, не дали останува уште малку да се приврши, праша советникот Јован Крлев.
Во официјалниот годишен извештај на истото тоа училиште пишува: „Оваа година на 1-ви септември Гимназијата ќе ги пречека своите ученици во значително подобрени и обновени простории како резултат на голема реконструкција на училиштето.“ Одлично, само што денес е 31-ви август, и пред само два дена во прилог на МРТ, претседателот на Советот, кој воедно е и професор во гимназијата, изјави: „Веќе привршуваат активностите во внатрешноста на зградата“. Па сега, навистина не знам што да очекувам. Готова Гимназија или Гимназија што привршува? Ако привршува каде ќе се одржува наставата на учениците, во училници, во ходници или настава во природа? Воедно на тоа, нели, на претходната седница разговаравме и за учениците од ОУ „Глигор Прличев“ од старата зграда да учат таму. Па каде ќе учат и тие ученици?, праша Крлев.
Во практика, ако некој мисли дека треба било кое училиште да се реновира, треба да почне на 10-ти јуни кога завршува учебната година, за да може до 1-ви септември да се заврши, рече советникот Ванчо Костоски.
Не може да се прават тендери и да се пробие рокот, бидејќи ова не е некој напуштен простор којшто може да чека, се работи за ученици коишто секојдневно ќе го посетуваат објектот. Односно, требаше покривот да се даде на една фирма, електриката ако се менува – не знам што се менува – на друга фирма, дограмата или прозорците на трета фирма… Значи, требаше да се подели на три-четири тендери со различни фирми коишто истовремено ќе работат. Mеѓутоа тоа не е до директорката. Тоа е понекогаш овдека кај нас, во локалната самоуправа, требало добро временски и квалитетно да се предвиди вакво реновирање. Истиот проблем го имавме на минатата седница, на којашто кажав дека не може сега да правиме пренамена на средства за ОУ „Глигор Прличев“. Во ред е, реконструкција е супер на секое училиште, меѓутоа не може 10 дена пред почетокот на учебната година да носиме ние одлука, па тендери…, додаде Костоски.
Први септември ќе биде и за нашите гимназијалци, 109 ученици во 6 паралелки, рече директорката на Гимназијата Светлана Велкоска.
Гимназијата ќе почне на 1-ви септември, ќе ги пречекаме нашите ученици во многу подобрени условите. Првиот и вториот кат се подготвени, тоа е кај наставничката канцеларија и кај библиотеката. Тука ќе се организираме и ќе ја следиме наставата. Утре ги примаме сите ученици и ќе им бидат дадени распоредите. Наставниот кадар е подготвен и во тие услови во двата ката да почнеме со работа. Првото ниво, приземјето, се работи бидејќи беше во катастрофална ситуација. Ни се отворија дополнителни градежни активности. И третото ниво, најгоре, нема да е во функција сè додека целосно не ја испитаме ситуацијата и додека не се обезбедат современи услови за работа. Ќе работиме на првите три нивоа, како што се работеше порано. Значи, оставете нè да ги сработиме работите до крај, онака како што е замислено и онака како што е проектирано. Имаме постојан надзор кој е во тек со активностите, рече Велкоска.
Додаде дека кровот е 90% готов и се чека оловото со оглед дека мора да биде изработен со олово, а не од лим.
Од ОУ „Григор Прличев“ денес информираа дека учениците наставата ќе ја следат распоредени во три смени во самото училиште.
Во однос на набавката на учебниците директорите посочија дека учебници во средните училишта се примени и се примаат, додека во основните училишта уште во мај се доставени учебниците од прво до трето одделение, потоа и останатите.
Н.С.Ј.











