Денешната 15- та седница на советот започна со извештај на градоначалникот Никола Бакрачески за извршената ревизија на работењето на локалната самоуправа во 2012 година и долгата расправа која потоа следуваше по изнесеното од страна на градоначалникот.

Како што рече Бакрачески, подготвениот документ врз основ на извршената ревизија од 28 мај до 1 август годинава , содржи низа утврдени недоследности и неусогласеност со законската регулатива.

Генерално е утврдено дека во најголем дел по препораките дадени во претходниот ревизорски извештај, општина Охрид воопшто  не постапувала. Што се однесува на реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2012, ревизијата не изразила мислење, додека во врска со усогласеноста на активностите на финансиските трансакции и информациите со релевантната законска регулатва, ревизијата изразила негативно мислење. Неусогласеност со законската регулатива има речиси во сите делови од финансиските извештаи , и во делот на приходната ставка, и кај расходите, особено во делот на плаќањата по цесии, асигнации и компензации кои се спротивни на законот, затоа што општината подолго време има блокирана сметка, а доверителите за кои имаше извршни судски решенија беа ставени во дискриминирачка состојба, со што долгот на општината рапидно растел врз основ на камати. Забелешки има и во однос на наплатата на такси, придонеси, надоместоци, комунални такси , рекламни паноа, склучени договори на дело по незакоснки пат, рече градоначалникот Бакрачески .

Според координаторот на советничката група на СДСМ,Томислав Тунтев, излагањето на градоначалникот наместо да биде информација за ревизорскиот извештај, преминало во изнесување на негови лични ставови.

И покрај законските одредби од законот за државна ревизија, дека претходниот извештај потребно е да се достави до надлежните органи, меѓу кои и до советот, ние извештајот не го добивме. Државната ревизија е завршена на 1 август, но досега до нас не е доставен , иако е објавен на интернет страната на Државниот завод за ревизија. Денес слушнавме лично согледување, ставови и гледишта на градоначалникот во однос на ревизорскиот извештај, кој немавме можност да го прочитаме. Со личните ставови на градоначалникот не се согласуваме затоа што се упатени од политички апект, при што се изнесени априори обвинувања, критикувања или етикетирање, што наликуваат на политички говор, при што не можеме да претпоставуваме што е точно во однос на податоците содржани во извештајот, изјави Тунтев.

Меѓу останатите точки на дневен ред на седницата беа и извештаите и постигнатите резултати во работењето на јавните претпријатија, како и неколку предлог одлуки од урбанистичката сфера.

Т. Кувенџиска