Жестока дебата попладнево се водела во советот на општина Охрид по однос на предлог одлуката за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија и установи. Особено гласни во ставовите биле советниците од опозицијата.

Советникот од ЛДП, Дејан Блажески, реагирал заради отстуство на биографии на предложените кандидати за членови на управните и надзорните одбори.

-Можеби има луѓе кои вистински заслужуваат да бидат членови на УО и НО, или пак, не ги исполнуваат критериумите, односно не заслужуваат да бидат назначени и со самото тоа гласањето За или Против би било некоректно.-истакнал Блажески.

Советничката Жаклина Лазаревска во својата дискусија побарала да се наведат причините за разрешување на некои членови на УО и НО, на кои се уште не им е истечен мандатот.
 
Следната  дискусија од опозицијата за персоналните решенија предизвикала реакција на мнозинството поради изнесените квалификации за одредени предложени кандидати, за што следело извинување.

Во повторното обраќање советникот Дејан Блажески изразил несогласување со класифицирање на луѓето, едновремено посочувајќи дека советот не смее ниту да биде пречувствителен затоа што, како што истакна, за имиња и презимиња мора да се зборува доколку се има предвид фактот дека тие претендираат да бидат носители на јавни функции. Блажески во изјава за OhridNews го изнесе ставот кажан од советничката говорница.

-Ќе  направам неколку споредби, ако претседател на СДСМ го ставил својот брат и најдодобар пријател дали не мислите дека барем новиот совет не треба така да се однесува имајќи предвид до каде стигнаа јавните протпријатиа со такви членови во одборите. Отаму немате право да критикувате кога повторно го застапувате истиот начин на функционирање. Тука гледам некој не соодветни решенија кои немаат никаква врска со здравството, а се во управен одбор. Можеби таа иста личност може повеќе да придонесе на некое друго место. Покрај тоа јас сериозно сум изненаден од тоа што како партија во минатите мандати дававте место за опозицијата барем по едно во секој управен одбор со што ќе се овозможеше поголема транспарентност и меѓусебна доверба. Ако претходните погрешиле зошто и новиот совет да го следи овој пример. – истакнал Блажески.

Веднаш потоа советникот Станкоси од говорницата констатирал  дека мнозинството нема намера да  одговори на изнесените забелешки и барања, по што тој заедно со советниците Блажески и Хајба ја напуштиле седницата.

OhridNews