Усвоени извештаите за остварување на буџетот на Општина Охрид, како и извештаите за реализацијата на програмите во повеќе сфери од општествениот живот за првиот квартал од 2022 година на одржаната единаесеттата седница на Советот на Општина Охрид.

Сепак од страна на советниците од опозицијата беше потенцирана малата реализација на дел од програмите за првите три месеци од годината меѓу нив и за урбанистичките планови, односно дури и нула проценти реализација на програмите за капитални инвестиции.

Имаме неколку програми кои се со реализација над 20%, најголем дел од програмите се со реализација од 10 или под 10%, но имаме и такви кои за жал имаат реализација 0%. Како програми кои имаат поголема реализација и се за пофалба ќе ги спомнам Програмата за изведба на системи за водоснабдување која е со реализација од 33%, како и Програмата за системи за одведување и прочистување на отпадни води  со 25, 5% реализација. Спротивно на ваквите програми се програмите со реализација 0%, меѓу нив Програмата за одржување на улици и патишта, за енергетска ефикасност, за капитални инвестиции во средно образование и детска заштита. Програмата за изградба и реконструкции на улици и патишта е со скромна реализација од 0, 83%, додека Програмата за други комунални услуги 6,31% од кои најмногу за чистење на дивите депонии. Во однос на Програмата за урбанизам реализацијата е 2,43 %, а добро знаеме дека од витално значење е донесувањето на урбанистичките планови, за што беше формирана и Комисија за урбанизам, а сега од страна на локалната власт и надворешните членови во таа комисија да земаат месечен паушал по 14 000 денари, со цел да се забрза процесот на донесување на урбанистичките планови. Овој процент е доста мал, но да видиме во вториот квартал каква ќе биде реализацијата.  Програмата за развој и поддршка за туризмот има околу 8% реализација, а добро ќе беше да се стават во функција адреналинскиот парк и папм траката пред почетокот на туристичката сезона. Реализацијата, пак, на основниот буџет е 17%, во кој најголем дел се трансферите за плати кон јавните претпријатија, трансфери по јавни повици за здруженија на граѓани, за невладини организации, трансфери за спортски клубови и доколку и тие не беа присутни реализацијата на основниот буџет во овој квартал ќе беше далеку помал од сегашните 17% затоа што во  најголем дел од сите програми објаснувањето е дека се ажурира состојбата, се анализира состојбата, се изготвуваат предмет пресметки, се изготвува техничка документација или се очекува да се одобри проектот. Ако имаме реализација од 17% и ако на денот кога се усвојуваше овој буџет, мнозинството си даде една висока цел дека ќе биде реализиран буџет од 95% и дека мнозинството никако нема да усвои буџет чија реализација ќе биде помалку од 95%, тогаш навистина треба да се подигне интензитетот и динамиката на реализација на буџетот, истакна советничката Живка Ангелоска.

Претседателот на советот на Општина Охрид, Сашо Донев рече дека споредбено со првиот квартал од 2021 година остварувањето на буџетските приходи оваа година бележат раст од 6,53 проценти, односно вкупно остварувањето во првиот квартал од 2022 година изнесува 18,95 проценти од вкупниот буџет.

За реализација на капиталните инвестиции потребни се шест месеци за да се изработи проектна документација, а за 3 месеци велите дека има 0% капитални инвестиции. За неколку месеци, почната е веќе постапката за првпат ќе се изработи проект за изградба на фекална канализација во Трпејца, после 30 години со што ќе се реши проблемот за одведувањето на отпадните води. Исто така, при крај се проектите за изградба на фекална канализација во Горно и Долно Лакочереј. Многу работи се започнати, но потребно е време за реализација, а за капитални инвестиции потребни се повеќе месеци, односно години. Во делот на урбанистичките планови, гледам дека веднаш почна да се напаѓа комисијата која е составена пред неколку недели. И сите се прашуваме зошто не бил донесен ниту еден урбанистички план. А, ако ви кажам дека преку 150 планови кои ги работела оваа локална самоуправа се потпишани од лица кои немале овластување да се потпишат, ќе треба во следниот период да разговараме дека преку 150 планови претходно започнати ќе треба да се вратат назад во постапката за одобрување. Ова значи дека не само што немаме при крај урбанистички планови туку ќе ги вратиме назад и сите кои претходно биле започнати. Кој ќе сноси одговорност за тоа и колку пари се потрошени за тендери за проектирање на тие планови и сега некој да не известија дека тие планови се потпишани од лица кои немале овластувања. За ова очекувам извештај од новата комисија за што ќе разговараме заедно сите советници и тие кои го направиле тоа ќе си сносат последици, бидејќи овие планови треба да почнат да се реализираат од почеток и не сакам на наредните седници на совет да слушам дека не бил донесен ниту еден урбанистички план. Покрај тоа имаме комисија за УНЕСКО која не знам како дава согласност во Струга да се градат згради, а во Охрид на граѓаните по сто пати им се враќаат предметите за да доградат еден спрат на куќата, а да не разговарам за давање на согласност за поголеми урбанистички планови со кои ќе има бенефит и општината и граѓаните, рече Донев.

Во делот на реализацијата можам да кажам слободно дека кога ќе го погледнеме програмскиот дел ќе ни стане јасно дека многу работи се веќе започнати со постапки и многу појасно ќе ни стани со следниот извештај, додаде Донев.

Советниците ги усвоија и Извештаите за работа на сите општински јавни претпријатија за првиот квартал од 2022 година. Зелено светло добија и Предлог-одлуката за давање согласност на Одлуката за покривање на загубата од работењето на ЈП „Водовод“ за 2021 година; Предлог-одлуката за отстапување на користење паркинг простор од oпштина Охрид за ЈП„Билјанини извори“ Охрид; Предлог-одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти; Предлог-одлуката за прием во сопственост на движна ствар – специјално возило пајак; Предлог-одлуката за разрешување и именување член во Управниот одбор на ЈЗУ „Здравствен дом“ – Охрид; Предлог-одлуката за утврдување начин на применување на минимален процент на зеленило во рамки на градежните парцели при издавање на одобрение за градба и Предлог-одлуката за донесување урбанистички проект со план за парцелација за ГП 8.3.46 и ГП 8.3.50 во ДУП во УЗ 8, УБ 8.3 во КО Охрид 4, општина Охрид.

Советниците со мнозинство гласови изгласаа и 54 Предлог-одлуки за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација со цел вклопување на бесправно изградени објекти и 4 Предлог-одлуки за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација за усогласување на намената на земјиштето.

Од дневниот ред на седницата беше повлечена Предлог-одлуката за партиципација и сопствено учество на општина Охрид во проектот „Изработка на проектно-техничка документација за пат од с.Лескоец до с.Горно Лакочереј и Долно Лакочереј“.

 

Н.С.Ј.