Ракометарите на Бутел Скопје со победа ги отворија мечевите од третата рунда во плејофот од Супер лигата, совладувајќи ја Струга, на домашен терен, со тесни 22-21 (12-10).

Стружани пружија солиден отпор, покажувајќи дека не сакаат епизодна улога во годинешниот плејоф. Домаќините за вториот триумф сезонава добро се испотија, играјќи од првата до последната минута во полн состав и жестоко темпо.

Ракометарите на Струга поведоа на стартот со 1-0 и 2-1, а домаќините одговорија со 4-1 серија и водство 5-3. Од тој момент до крајот на првиот дел се играше „гол за гол“ и предноста од два погодоци остана. На стартото од второто полувреме Бутел Скопје се одлепи на највисоки четири голови, поведувајќи со 19-15. Стружани на најголемата негатива одговорија со 4-0, за егал 19-19 и најавија возбудлива завршница. Во тешката и тврда игра Бутел Скопје обезбеди гол предност во завршницата. Струга не успеа да реализира за реми и претрпе минимален пораз.

Најефикасен во домашниот состав беше Душан Трифковиќ со седум голови, а четири пати прецизен беше Мирко Мајиќ. Кај гостите најпрецизен беше Вукашин Ракочија со девет голови.

Третата рунда од плејофот во Супер лигата ќе се комплетира со утрешните мечеви помеѓу Металург – Еурофарм Пелисте 2, Пролет – Охрид и супер дербито Вардар – Пелистер.

OhridNews