Африканската фудбалска конфедерација (CAF) донесе контроверзна одлука да ѝ ја одземе титулата од Африканскиот куп на нации на селекцијата на Сенегал и административно го прогласи Мароко за нов шампион, поради настаните во финалето одиграно во јануари во Рабат.

Одлуката е донесена по жалбена постапка што ја покрена Мароко. „CAF“ оцени дека Сенегал го прекршил правилникот затоа што неговите фудбалери го напуштиле теренот во знак на протест по досудениот пенал за Мароко во завршницата на натпреварот. Според правилата, таквиот потег се третира како откажување од натпреварот, по што резултатот службено е регистриран со 3-0 за Мароко.

Контроверзното финале на 18 јануари го обележаа хаотични сцени. Играчите на Сенегал се повлекоа од теренот по досудениот пенал во финишот на мечот за Мароко, незадоволни од судиската одлука. На инсистирање на Садио Мане по 15 минути сенегалските репрезентативци се вратија на теренот, Мароко го промаши пеналот по што натпреварот отиде во продолженија во кои Сенегал славеше со 1:0.

Дисциплинските органи на „CAF“ се повикале на членовите 82 и 84 од правилникот, кои предвидуваат службен пораз за екипа што ќе го напушти теренот без дозвола на судијата. Резултатот од финалниот натпревар е поништен и истиот е регистриран со службен резултат 3-0 за Мароко кому ова му е втора титула шампион на Африка, по таа во 1976 година, додека Сенегал остана без вториот последователен трофеј, иако го доби финалето на терен.

Одлуката предизвика бурни реакции. Фудбалската федерација на Сенегал ја оцени како „неправедна и без правна основа“ и најави жалба до Судот за спортска арбитража (CAS) во Лозана.

Случајот веќе се смета за еден од најконтроверзните во историјата на африканскиот фудбал и се очекува да добие правна разрешница во наредниот период.

OhridNews