Повеќе од илјада години во Охрид силно одекнува ехото од бурните историски настани во кои се родила најголемата средновековна држава на Балканот – Самуиловото царство. Неговото настанување и опстојување како такво во голема мера се должи на директното признавање од римскиот папа, кој во тој период, околу 1000та година, се’ уште бил само само еден од поглаварите на христијанството.
Дел од историчарите се уверени дека тоа не се случило во Преспа, како што најчесто се среќава во науката, туку во Охрид, бидејќи за таква цел на Самуил (997 – 1014), покрај државна му требалa и духовна престолнина. Градот тогаш бил голем епископски центар каде поминале првоапостолите Павле, Андреа, Св. Еразмо. Самуил сакал да ја искористи таа традиција, но и стратешката позиција на Охрид кој се наоѓал на главниот пат Виа игнација. Почнал големи зафати за негово претворање во престолнина и ја воздигнал Охридската архиепископија.
Oхрид во тоа време претставувал еден вид изолиран остров, околината била преплавена со вода и претставувала едно огромно мочуриште. Сопоред Ана Комнина токму Самуил започнал со исушување на блатата околу мочуриштето. Сето тоа било со цел Охрид да биде воздигнат на едно достојно ниво кога пратеници на римскиот папа дошле и го крунисале Самуил во цар, а Охридската архиепископија прераснала во патријаршија. – вели Горан Митрески, историчар во НУ Завод и Музеј Охрид.

Во Св. Софија постои фреска на која се прикажани римски папи. Каква била целта за фрескоживописувањето на оваа фреска, дали подобрување на односите помеѓу истокот и западот, или докажување дека ние припаѓаме или ги признаваме и едните и другите, тоа подобро можат да го објаснат историчарите на уметност. – додава Митрески.

Горан Момироски













