Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, повторно ги посети Неготино и Тимјаник и заедно со неготинскиот градоначалник, Тони Делков, оствари средба со локалните жители. Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, недоразбирањата се веќе минато, а подготовките за малиот групен дом во Тимјаник продолжуваат.
„Никогаш не се сомневав во хуманоста на нашите граѓани и верував дека првата несакана епизода е само недоразбирање. Драго ми е што овој пат имавме многу конструктивна дискусија и жителите дадоа поддршка на она што го правиме. Јас верувам дека Тимјаник ќе биде симбол на хуманоста на нашето општество, а жителите ќе се гордеат со тоа“, изјави министерката.
Во меѓувреме забрзано се работи на деинституционализацијата, соопштуваат од ресорното министерство, кое е во комуникација и со други општини кои изразиле подготвеност за отворање на мали групни домови.
„Истовремено, МТСП во соработка со УНИЦЕФ ја промовира и кампањата ‘На секое дете му треба семејство’ која што има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов. Кампањата досега постигнува одличен успех, повеќе од 100 лица изразија желба да згрижат дете“, информират од министерството.