Црногорското дуо гитари Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ вчеравечер ја воодушевија публиката на фестивалот „Охридско лето“ со својот маестрален настап во црквата „Света Софија“.

На фестивалскиот репертоар, двајцата извонредни уметници ја изведоа Шестата англиска свита од Јохан Себастијан Бах транскиптирана за две гитари што ја снимија пред неколку години, а потоа и Свитата Троилеана од Астор Пјацола. Крајот на прекрасната вечер беше резервиран за транскрипција на музиката на Мануел де Фаља.

Репертоарот не е оригинално напишан за гитара, но тоа е наш репертоар за дуо гитари. Гитарата е специфичен инструмент и музичкиот јазик кој е пишан оригинално за гитара на некој начин е ограничен од техничките можности на инструментот. Кога се занимавате со музика која не е наменета за гитари, се случуваат некои интеракции и важни процеси каде можете да ги спознаете можностите на гитарата кои се безгранични, рече гитаристот Данијел Церовиќ.

Ова дуо настапува заедно на престижни фестивали и во познати концертни сали низ целиот свет меѓу кои Филхармонијата во Санкт Петербург, салата „Мануел де Фаља“ во Мадрид и „Концертгебау“ во Амстердам.

Со Горан првпат свиревме кога бевме на студии, подоцна свиревме заедно на Музичката академија во Мастрихт и всушност тогаш започна нашата соработка која трае долги години. И после мандемијата повторно се закотвуваме на нашата заедничка работа. Горан живее во Германија, а јас во Црна Гора и тешко беше да се подготвуваат нови репертоари, но во текот на оваа и следната година ќе има новитети од нас, додаде Церовиќ.

Тој не го криеше задоволството, што настапи на еден од најреномираните фестивали во Европа, фестивалот „Охридско лето“.
-За „Охридско лето“ слушав и следев што се случува уште во студентските денови и секогаш имав амбиција да дојдам и да настапам. И еве,се оствари сонот да настапам на „Охридско лето“. Кога зборуваме за регионот што е околу нас и нè поврзува, за Охрид имам посебно место во срцето, истакна гитаристот Церовиќ.

Дуото има широк репертоар кој се состои од транскрипции на „стара“ музика и оригинални композиции од XIX, XX и XXI, со особен акцент на современа музика за две гитари.

Вчерашниот концерт на дуото Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ ја исполни црквата „Света Софија“, а во редовите на публиката беше и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.

OhridNews