Голем чад вчера попладне се издигаше над Струшко поле. Неофицијално се работи за палење на стрништа, но поради високите температури, ветрот и сувата вегетација огнот брзо и неконтролирано се шири и ги загрозува имотите и луѓето.


Чади во Струшко

На проблемот со незаконското палење на стрништа неодамна алармираа и од противпожарната единица од Струга, од каде укажуваат дека сторителите одговорни за пожарите засега минуваат неказнето, иако предизвикуваат општа опасност.

– Најчесто се палат стрништата со што во опасност се доведуваат и објектите во нивна непосредна близина, куќи, спортски и деловни комплекси и друго, информираат од ТППЕ Струга.


Стрништа се палат и во близина на објекти

Несовесните граѓани и вчера беа активни на терен, а последиците од таквото однесување се гледаат насекаде.


Уништени големи површини ниска вегетација во Струшко поле

Деновиве силен пожар избувна во околината на Зајас. Огнената стихија зафати борова шума во близина на населени места но со интервенција на противпожарни екипи од околните општини и на Дирекцијата за заштита и спасување пожарот е ставен под контрола.


Гореше и во Кичевско

Најкритично е во Битолскиот регион, каде пламените јазици проголтаа 200 хектари млада молика и уште толку друга шумска вегетација во националниот парк „Пелистер“. Во гасењето на пожарот кој вчера утрото беше ставен под контрола учествуваа пожарникари, припадници на Армијата и на Дирекцијата за заштита и спасување, како и месното население, како и два авиони „Канадер“ и воен хеликоптер.


Изгореа 200 хектари млада Молика на Пелистер

Во околината на Битола вчера избувна нов пожар над населбата „Баир“. Опожарени се околу 200 хектари, а од високата температура експлодирал и далновод. И овој пожар е ставен под контрола, а надлежните се сомневаат дека и двата пожари во битолско се намерно предизвикани. Локалните власти побараа помош од населението во справување со пироманите за кои постои сомнеж дека и припаѓаат на таканаречената Шумска мафија.

OhridNews