Овој топол напиток чие потекло е од далечната Кина, во 1610-та година преку холандските трговци е пренесен на европско тло. Мешавината на различни растителни делови, почнувајќи од лисја, плодови и цвеќа, го даваат спојот на овој пијалак, кој има специфичен ефект врз човечкиот организам.
Иако постојат две големи групи на чаеви, кај народот употребата на овој термин најчесто е поврзана со растителните лековити билки, кои се варат во вода за добивање на напитокот. Покрај овие растителни чаеви, постојат и оние кои се добиваат од растението чај (camelia (thea) sinesis). Сепак, докторите се едногласни дека чаевите доколку правилно се подготвуваат, можат позитивно да влијаат на здравствената состојба на човекот.
Чаевите имаат карактеристични својства во зависност од билките од кои се направени. Оние кои содржат кофеин ја надразнуваат кората на големиот мозок, што предизвикува брзо расонување. Некои помагаат при варење на храната, додека други во текот на ноќта опуштаат и смируваат од напорниот ден. Во летниот период, чајот го освежува организмот и го намалува потењето, осигурувајќи му на телото доволно количество на вода. Од карактеристичните чаеви кои се популарни кај нас се оние од камилица, нане, мајчина душица, планински чај, зелениот и црниот чај, хибискус, чајот од брусница, од шипка и липа, како и овошните чаеви. Во охридскиот регион, карактеристично за летниот период е собирањето на планински чај од падините на нашата Галичица.
Како и да е, докторите препорачуваат да не се претерува со пиење на чаеви кои содржат високо количество на кофеин. Исто така, се напоменува да не се додава голема количина шеќер, бидејќи се уништува својството на флуроидот кој ги штити забите.