Треба да се работи на врсничкото насилство т.н. булинг посебно во основните училишта, бидејќи во средните, учениците веќе имаат изградено свест, вели Марија Чанова, магистар по психолошки науки и лиценциран психолог, потенцирајќи дека е многу важно да се контролира и употребата на социјалните мрежи од страна на младите.

Помеѓу младите постои сајбер булингот, но треба да се работи и на моментот на критериумите кои се наметнати од средината и јавноста дека младите треба да влезат во некоја улога на идеални луѓе. Сметам дека треба да се работи за булингот посебно во основните училишта, бидејќи младите во средните училишта веќе имаат изградено свест за одговорно однесување, вели Чанова.

Додава дека социјалните мрежи неможеме сосема да ги избегнеме, бидејќи тие се присутни во нашиот живот, но треба да знаеме правилно да ги користиме и ние да се забавуваме преку нив, а не тие да не контролираат нас.

Тоа е тоа што треба да го научат децата, да ја контролираат својата потреба за некоја забава која ја нуди интернетот. Улогата на родителите тука е најважна. Моето искуство како родител, професор и педагог долги години говори дека улогата на родителите е многу важна, но мора да изградиме еден однос на соработка со децата. Не можеме постојано со закани или уценувања, бидејќи тоа само ќе допринесе да ги одвоиме децата од нас, не да ги приближиме, посебно на средношколска возраст. Сметам дека треба да ја зајакнеме соработката меѓу нас, ние како возрасни и тие како деца, потенцира Чанова.

Истакнува дека веќе во училиштата има програми и се врши едукација, отворено се зборува на овие теми, а доста е активна и младинската заедница, па учениците знаат и да побараат помош од повозрасните и од стрчните служби.

Сметам дека веќе овој процес оди во нагорна линија, луѓето се освестуваат, додава Чанова.

Н.С.Ј.