Осветлувањето на црквата Света Софија, градскиот плоштад и гимназијата Св. Климент Охридски, утре, точно во 20.30 часот симболично ќе бидат исклучени, со што Охрид ќе се вклучи во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја.

Истовремено, во период од еден час, во мрак ќе потонат над 178 земји и 7000 града ширум светот. Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, заеднички да ги промениме климатските промени!

Во Македонија оваа година осветлувањето ќе биде исклучено на вкупно 66 локации. Централниот настан е закажан на плоштад Македонија, кога во 20:30 часот веднаш по исклучувањето на целосното осветлување, скопјани ќе бидат сведоци на неверојатен флеш моб перформанс организиран од денс клубот Аква проследен со флуоресцентни светечки ефекти, а настапот ќе биде поддржан од волонтерите на Црвениот крст кои ќе го осветлат плоштадот со над 300 свеќи, испишувајќи го логото на акцијата – „60+“.
Своја поддршка кон акцијата најавија и градовите Струмица, Битола, Велес, Крушево, Ресен, Радовиш, Струга, Куманово, Кавадарци и Берово, а осветлувањето ќе биде исклучено и во резерватот Јасен, цементарницата Усје, трговските центри Капитол Мол и Скопје Сити Мол, како и салоните на мобилниот оператор оне.ВИП.

– „Можам само да потврдам дека оваа година го имаме најголемиот час за планетата Земја во Македонија. Ги повикувам сите граѓани да ја покажат својата моќ и да ги исклучат светилките оваа сабота во 20:30 часот. Ако е мрак, нека е еколошки мрак!“ – изјави Ѓорги Селков, претседател на Здружението Часот на планетата Земја.
Освен овие локации, во многу кафулиња низ главниот град, но и низ Републиката ќе бидат организирани разни настани за одбележување на Часот на планетата Земја.

OhridNews