Ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Митко Чавков, поранешните припадници на МВР, Душко Лазаров и Оливер Поповски, како и Горан Ѓошевски, кој беше дел од обезбедувањето на експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, заедно со Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање вчеравечер биле повторно приведени и однесени во притворското одделение на истражниот затвор Шуто Оризари, дознава „Макфакс“. Тие во понеделникот беа пренесени од затворски во куќен притвор со одлука на Врховниот суд.

Против нив вчера беше покренато обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, во врска со упадот во Собранието на 27 април минатата година. Пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои исто така беа осободени од притвор со оваа одлука на судот, остануваат во куќен притвор.

МВР потврдува дека се приведени пет лица по барање на Основниот суд, но не го потврдува нивниот идентитет. Се чека Основниот суд да излезе со официјална информација за тоа зошто на овие лица им е повторно изречена мерка притвор.

OhridNews

Макфакс