Охридските туристички работници со нетрпение ги очекуваат првомајските и велигденските празници, кои вообичаено се репер за претстојната туристичка сезона. Покрај солидната најава и извршените резервации, дополнителна доза оптимизам влева и временската прогноза, според која неделава ќе имаме сонце во изобилство. И речиси се ќе беше идеално, да не почнеше да се распаѓа еден од мостовите на планинскиот превој Стража, преку кој минуваат најголем дел од гостите кои доаѓаат за Охрид.

Поради сериозноста на оштетувањето пред четири дена беше воведена   забрана за тешки товарни возила над 7,5 тони, како и за автобуси. Сообраќајот за овие возила се пренасочува преку патниот правец Маврово-Дебар-Струга. Поради оваа промена патувањето со автобус кон и од Охрид за Скопје трае подолго околу еден час. За останатите видови возила сообраќајот се одвива регулирано со семафори за наизменично пропуштање на возилата и по една коловозна лента. Но, ниту патувањето со автомобил не е пријатно, ако се имаат предвид големиот број ударни дупки кои речиси да ги има насекаде. Тие  не само што им нанесуваат штети на моторните возила кои секојдневно сообраќаат по овој патен правец, туку претставуваат и голема опасност за безбедноста на возачите и патниците.

По оваа иста магистрала деновиве треба да поминат и најавените туристички групи од многу странски држави. Потенцијалните странски гости ги анимираме со скапи видео реклами за убавините на нашата земја, но кога ќе дојдат тука тие ќе ги видат и работите кои ги нема на спотовите. Нивните коментари за македонските патишта кои со сигурност ќе ги остават на интернет нема многу да ни се допаднат. И не треба. За разлика од нас кои навикнавме да се акаме по градски и селски  улици со дупки и небезбедни магистрали и автопати, други возат по модерни сообраќајници. Тие плаќаат регистрација на возила, плаќаме и ние. Плаќаат патарини, ама плаќаме и ние. Тогаш може ли некој да одговори зошто нашата патна инфраструктура е во очајна состојба и не се развива?

Патиштата се крвоток на една држава, алка без која нема развој на економијата, туризмот… Македонија е мала земја, без развиен авионски и железнички сообраќај и излез на море, па патната инфраструктура е единствена логична алтернатива за поврзување со светот. Но наместо да се развива, таа се распаѓа.

Државата најави па се откажа од изградба на автопат Ќафасан – Охрид – Гостивар. Наместо автопатно решение, се размислува за ревитализација и проширување со една лента на постоечката магистрала од Охрид до Кичево. Нема оптимистички најави ниту за скоро автопатско поврзување со Битола. Доколку нештата не се променат и не се подобри патната инфраструктура прашање е дали може да се прават реални проекции за развој на туризмот.

Горан Момироски