Фудбалскиот клуб Челзи ја доби потребната градежна дозвола за проширување на стадионот „Стемфорд Бриџ“. Со проектот вреден 500 милиони фунти, Челзи ќе го прошири капацитетот на стадионот за 19.500 места.
Капацитетот на „Стемфорд Бриџ“ изнесува 41.629 места, а со проширувањето овој стадион ќе има околу 60.000 места. Клубот ја доби градежната дозвола од општината Хамерсмит и Фулам. Конечниот збор треба да го има градоначалникот на Лондон Садик Кан, но се очекува тоа да биде само формалност, што значи дека Челзи наскоро ќе може да започене со проектот на реновирање.
Според плановите на клубот реновираниот стадион за натпревари ќе биде подготвен од сезоната 2021/2022. Во меѓувреме Челзи своите натпревари би ги играл на Вембли или на стадионот за рагби Твикенхем.
Раководството на Челзи очекува зголемениот капацитет да донесе и помлада публика, со оглед на тоа дека просечната возраст на сопствениците на сезонски билети изнесува 55 години.
Стадионот Стемфорд Бриџ е изграден во 1876 година, два пати е реновиран, а последен пат тоа се случило во 1990 година.
„Макфакс“
OhridNews