Лино Червар ја имаше официјалната промоција во нов селектор на ракометната репрезентација на Хрватска. Червар, по седум години се врати во хравстскиот ракомет, а со Ракометниот сојуз на Хрватска потпиша едногодишен договор.
Екс селекторот на Македонија, на клупата на Хрватска го наследи Жељко Бабиќ, кој на Светското првенство го освои четвртото место. Пред трофејниот тренер на чело на Хрватска постои само една цел, тоа е освојување на златниот медал на Европското првенство кое ќе се одржи во оваа земја.
„Целта на ЕП? Искрено, моја цел е да се бориме за врвот. Секако дека би сакал да го освоиме златото. Но би сакал да ги слушнам и играчите, да видиме што мислат тие. Не очекува многу работа… Го прифаќам предизвикот, сакам да се докажувам, гладен сум за успеси, победи. Мислам дека тоа е она што ме држи. Секако младите тренери не мораат да се грижат дека долго ќе останам на оваа столица“, рекол Червар, пренесува „Макфакс“.
Новиот хрватски селектор се уште е тренер на Металург, иако се уште е под договор со клубот од Автокоманда тој мора да го реши својот статус, а нема да има ништо против доколку го раскине договорот два месеци пред тој да истече. Оваа варијанта можеби и најмногу му одговара бидејќи на тој начин во наредните два месеци нема да мора да одговара на прашањата на македонските новинари, кои вешто ги избегнуваше од моментот кога го раскина договорот со Ракометната федерација на Македонија.
„Вечерва патувам за Скопје. Со луѓето од Металург имам состанок в недела и ќе видиме како ќе заврши. Може да се случи веднаш да ја прекинам соработката, но и може да се случи да ги одработам наредните два месеци“, рекол Червар.
OhridNews