Македонскиот ракометен шампион на Македонија, Металург, во недела, ќе одигра еден од најважните натпревари во својата историја. Противник на Металург, во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампиони, ќе биде најтрофејниот хрватски клуб Загреб.

Екипа која слично како и Металург дава најголем дел од репрезентативците на Хрватска, репрезентација која заедно со Франција обележаа цела една деценија на светскиот ракомет.

За овој тим емотивно е врзан творецот на овој Металург, Лино Червар, искусниот стратег со Загреб и репрезентацијата на Хрватска го оствари своите најголеми успеси во кариерата.

Куртоазно или не Червар улогата на фаворит во овој двомеч му ја препушта на противникот.

„Загреб е апсолутен фаворит, но ние нема да се предадеме“, вели Червар според кого „доколку Загреб испадне од Металург тоа за нив ќе биде трагедија, ќе им се распадне целиот систем.“

Хрватскиот првак е спој на младост и искуство, репрезентативците Тончи Валчиќ, Копљар, Гојун, Штрлек, Хорват се носители на играта, главната опасност по одбраната на македонскиот шампион ќе доаѓа од нивната разработена игра во транзиција, каде до израз доаѓаат брзинските квалитети на крилата Хорват и Штрелк.

Но Загреб не е непобедлив, Червар смета дека патоказ за победата треба да биде натпреварот во „Автокоманда“ во СЕХА лигата кој заврши нерешено.

Тие ќе ја забавуваат играта, бидејќи одлично развиваат контранапади. Ние треба да одиграме мудро и многу зрело во нападот, во одбраната ќе играме зона 6-0 или 5-1, а особено внимание ќе треба да му посветиме на Копљар“, рече тренерот на Металург, не сакајќи да коментира кој резултата би бил поволен за реваншот во Загреб.

Она што го загрижува Червар е здравствениот билтен, јасно е дека поради повреда на стапалото нема да игра Стоилов, а ракометарите кои ги пропуштија претходните натпревари, од понеделникот се вклучија во тренажниот процес.

Ќе се обидам со поголема ротација на играчите во текот на мечот да му парираме на Загреб. Воедно, ова ќе биде одлична можност секој ракометар да го даде својот максимум, можност да победи тимот. Охрабрува тоа што сите сакаат да играат, па макар и со една нога“, рече Червар, дополнувајќи дека пристапот кон натпреварот треба да биде ист како и оној на мечот со Хамбург.

Со размислувањето на својот тренер се согласува и капитенот на тимот Ванчо Димовски. „Дојдовме до елиминационата фаза, целта која ја имавме пред почетокот на сезоната ја остваривме, но тоа е сега зад нас. Загреб е предизвик, очекувам голема борба на теренот. Предизвик за нас е што натпреварот предизвика толкав интерес. ние треба да бидеме цврсто на земја, да победиме во Скопје и да го чекаме реваншот“, вели Димовски.

Натпреварот Металург-Загреб, покрај во Македонија, предизвикува голем интерес и во Европа, поради тоа, ЕХФ го прогласи за натпревар на денот. Натпреварот се игра во недела, со почеток во 17 часот.

“макфакс“
Ohridnews