Најпознатиот чешки туристички магазин „Травел Трејд Газете“ објави опширно интервју со градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески насловено како „Ние имаме многу заедничко со Чесите“.
Во интервјуто, градоначалникот Бакрачески објаснува кои се стратешките планови на Охрид во туристичката индустрија, дека градот е веќе познат како дестинација за конгресен туризам, но дека напорите во моментов се насочени кон градење имиџ и создавање услови за развој на спортски и елитен туризам.
За напорите, како да се привлечат повеќе туристи од Чешка, тој вели дека се планира презентација преку туристички саеми заедно со Агенцијата за промоција на туризмот на Република Македонија и најавува дека се предвидени семинари и еднодневна работилница во Прага, на која ќе се поканат најпознатите туристички агенции како и водечките медиуми и новинари од Чешка.
Одговарајќи на новинарско прашање, Бакрачески ги запознава чешките читатели дека Охрид е главен туристички центар во земјава, кој заедно со езерото е ставен под заштита на УНЕСКО.
„Единственоста на ова место е во тоа што во еден момент ќе ги најдете остатоците на цивилизациите кои тука постоеле низ милениумите и културното богатство кое го оставиле зад себе.“ – вели Бакрачески.
Понатаму тој говори за верската димензија на Охрид и Чешка, Светиклиментовиот универзитет, Античкиот театар и останатите културно-историски знаменитости со кои располага градот, како и за Охридското Езеро кое е едно трите најстари и најдлабоки во Европа.
Бакрачески на чешката публика и го презентира и богатиот културен живот во Охрид, напоменувајќи дека најважен настан е фестивал „Охридско лето“.
Инаку, интервјуто за „ТТГ’’ Бакрачески го даде при неодамнешната посета на Чешка.
OhridNews