Дебарско-кичевската епархија ги известува своите православни верници дека утре, вторник на 19-ти јануари по повод празникот Богојавление-Водици ќе се служи Света Архиерејска златоустова литургија во црквата „Света Богородица Каменско“ со почеток во 8 часот.

Исто така со почеток во 8 часот Света Златоустова литургија ќе се служи и во сите останати охридски цркви. Богослужба по повод празникот нема да има само во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон “ на Плаошник.

По завршување на црковните богослужби, на Градското пристаниште, со почеток во 10 часот ќе се изврши големиот Богојавленски водосвет и ќе се фрли Чесниот крст во водите на Охридското Езеро.

Во среда на 20-ти јануари по повод празникот Свети Јован Крстител, Света литургија ќе се одржи во црквата „Свети Јован Богослов“ на Канео со почеток во 8:30 часот. Света литургија ќе се служи и во сите останати парохоски цркви во Охрид. Богослужба нема да има само во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник.

По повод празникот Водици, во текот на денешниот ден, за сообраќај ќе биде затворен булеварот „Македонски просветители“ од пресекот со улицата „Партизанска“ кон кеј „Македонија“ додека сообраќајот на булеварот „Македонски просветители“ целосно ќе се пренасочи кон улицата „Партизанска“. Од 7 часот ќе се врши физичко регулирање на овие сообраќајници. Верскиот празник и фрлањето на светиот крст во водите на Охридското Езеро кај градското пристаниште, ќе биде обезбедуван и од полициската станица за граничен надзор за „Охридско Езеро“ со присуство на полициски службеници во патролни полициски чамци. 

OhridNews