Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија, по повод празникот Свети Сава.

Прославата на Денот на првиот српски архиепископ – 27 јануари, претставува еден од најзначајните верски и национални празници на српскиот народ, кој се прославува секаде каде што живеат Срби. И во Македонија, припадниците на српската заедница, кои се нераскинлив дел од македонското општество и кои заедно со другите заедници активно придонесуваат кон соживотот и меѓусебното разбирање, достоинствено го прославуваат својот празник, кој е прогласен и за национален ден на српската заедница во Република Македонија.

Свети Сава за српскиот народ е непресушен извор на вера, надеж и љубов кон Бога, кон себе и кон блиските, духовна крепост и патоказ кон иднината исполнета со слобода, хуманизам, благодат и напредок.

Ви посакувам празникот да го поминете во мир, среќа и благосостојба.-се вели во празничната честитка на претседателот Иванов.

Честитки до припадниците на српската заедница упатија и градоначалникот на Охрид и претседателот на Советот, Александар Петрески и Душко Јаковчески.

– Дозволете во име на Општина Охрид на сите припадници од српска националност да упатиме честитки за денешниот празник на граѓаните од српска националност со желби за многу здравје, среќа и успех. Живеејки во свет кој упатува на почитување на културни и јазични вредности на разни етнички заедници сакаме да го искажеме нашето задоволство што вие како етничка заедница сте дел од ова мултикултурно и мултиетничко општество. Денешниот ден поминете го во мир и благосостојба, во знакот на меѓуетничко почитување и огромен понатамошен успех во интегрирањето на Србите во Република Македонија – стои во заедничката честитка до српската етничка заедница во Охрид.

OhridNews