Претседателот  на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, упати честитка до граѓаните на Република Македонија и до сите Македонци ширум светот.

-И по 109 години од Илинденското востание и 68 години од Заседанието на АСНОМ, идеалите на илинденците и на асномците се дел од нашето секојдневје и дел од визијата за нашата иднина – просперитетна Република Македонија, држава на рамноправни граѓани. Затоа со полно право денес имаме причина за славје и гордост. Празнувајќи го и овој Илинден во Република Македонија и насекаде низ светот, да им се заблагодариме и да им оддадеме почит на сите знајни и незнајни херои од нашата историја. Врз темелите што тие ги поставија опстојува современа и самостојна Република Македонија, се вели во честитката упатена од претседателот Ѓорге Иванов.

По повод двата Илиндена честитки до граѓаните упати и премиерот Никола Груевски.

-Прославувајќи го 2-ри Август, ја славиме традицијата на нашите славни илинденски генерации, се присетуваме на големиот број револуционери и борци, на големиот број на знајни и незнајни јунаци, на нивниот идеал, на нивната посветеност, жртва и одговорност. Си спомнуваме за тешките маки на нашиот народ, но и за избликот на национален напон и стремеж за слобода и сопствена држава, собиран со векови наназад, се вели во честитката.

OhridNews