Македонија денеска одбележува четири години од падот на армискиот хеликоптер Ми-17 кај Катлановско Блаце, кога загинаа 11 припадници на воздухопловниот ВИНГ.

По тој повод, делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, Здружената оперативна команда на АРМ, вВИНГ, како и  членовите на семејствата на загинатите припадници денеска ќе положат венци со свежо цвеќе на спомен обележјата пред командата на вВИНГ во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец и на местото на несреќата кај Катлановско Блаце.

На одбележувањето е предвидено присуство и на министерот за одбрана Фатмир Бесими, како и на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески.

Армискиот Ми-17 се урна на 12 јануари 2008 година во услови на магла на враќање од Босна и Херцеговина. Загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски. Тие беа дел од мировната мисија на ЕУФОР во оваа екс-југословенска земја.

Кон крајот на минатата година јавното обвинителство одлучи да не поведе постапка за кривична одговорност за падот на хеликоптерот. Како единствена причина за несреќата се наведува необученоста на пилотите да управуваат со вградените инструменти во сложени временски услови. 


Последниот разговор помеѓу посадата и контролата на летање (м-лај од You tube)

 

OhridNews

извор: „Макфакс“