Четири медали освоија натпреварувачите на Карате клуб „Кун-су-то“ од Охрид на Купот на Македонија за кадети, јуниори и У21, што викендов во организација на Карате федерацијата на Македонија се одржа во општина Петровец – Скопје.
Охридскиот клуб настапи со пет натпреварувачи, а четворица од нив се искачија на победничкиот подиум.
Најголем успех оствари Дамјан Митревски, кој го освои златниот медал во категоријата јуниори до 61 килограм. Анастасија Смилевска освои сребро во категоријата јуниорки до 66 килограми, додека со бронзени медали се закитија Козма Митревски, во категоријата јуниори до 55 килограми, и Софија Велковска, во кадетска конкуренција.
Марија Велкова не успеа да стигне до медал, но забележа добри борби и освои поени на натпреварувањето, информира клубот.
Со освоеното прво место, Дамјан Митревски обезбеди место во македонската карате репрезентација за настап на претстојното Светско првенство во Полска.
Од Карате клуб „Кун-су-то“ најавуваат дека во следниот период фокусот ќе биде насочен кон дополнително подигнување на квалитетот и формата на натпреварувачите.
OhridNews













