Физика, хемија, биологија и научно истражување ќе бидат нови предмети што ќе ги изучуваат учениците во прво, второ и трето одделние во основните училишта, почнувајќи од следната учебна година, објави Бирото за развојот на образованието. Тие ќе се изучуваат според адаптираните наставни програми од Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ, пишува „Дневник“.
– Предметите ќе се реализираат со фонд од 2 часа неделно, односно 72 часа годишно. Наставната програма по математика, пак, е поделена на пет подрачја: броеви, математички операции, геометрија, мерење, работа со податоци и решавање проблеми, а ќе се реализира со фонд од 5 часа неделно – наведуваат од Бирото.
За ваквите промени родителите веќе биле информирани, а за тоа се планираат и обуките наменети за наставниците. Од Бирото нe очекуваат проблеми во реализација на наставата бидејќи се работи за адаптираната наставна програма која ќе се фокусира на развивање на интересот на учениците за стекнување научно знаење. Карактеристика на оваа програма е што наставната програма најмалите ученици ќе ја совладуваат преку игра, креативно и интерактивно.
– Учениците ќе учат одредена тема, но подоцна во наставата се навраќаат на истата тема и ја изучуваат на повисоко ниво. Со предметот научни истражувања сакаме учениците да се насочат на вистинскиот пат за да станат идни научници – потенцираат од Бирото за развој на образованието.
Во дел од основните училишта во тек се обуки за одделенските наставници, во врска со новините во програмата за најмалите ученици. Од септември, учениците од прво, второ и од трето одделение, математика и природни науки ќе работат според програмата „Кембриџ“.
За аплицирање на оваа програма не се потребни посебни просторни услови, ниту посебни нагледни средства. Играта и индивидуалниот приод кон темите се одлика на програмата „Кембриџ“, која предвидува и повеќе часови за учениците од прво до трето одделение.
OhridNews
Извор: „Дневник“