Покривните конструкции на четири објекти од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ во иднина ќе бидат реконструирани. Според Развојната програма за детска заштита од 2016 до 2018 година, обновени покриви планирано е да добијат објектите „Билјана“, „Лихнида“, „Развигорче“ и „Росица“.
-Дел од покривот во објектот „Билјана“ е рамен со хидроизолација. Пред неколку години поставена е нова хидроизолација, но повторно се јави проблем и истиот прокиснува во занималните. Во објектите „Лихнида“ и „Росица“ покривната конструкција е со лесонитни табли, кои законски треба да се отстранат поради штетниот состав од кои се изработени. Со реконструкција на покривите покрај тоа што ќе се заштитат децата и вработените од штетното влијание, ќе се санира прокиснувањето и влагата во објектите на одредени места, се појаснува во рамки на Развојната програма.
Освен реконструкцијата на покривите, во текот на наредните две години, во неколку објекти од градинката ќе биде извршена замена на надворешната столарија со нова, а ќе се изврши и промена на електричната инсталација. Во дел од објектите ќе бидат обновени санитараните јазли и ќе бидат поставени нови бехатон плочи пред влезовите.
Во Развојната програма пишува дека активностите од областа на детската заштита планирани со проектите за 2016 година ќе се финансираат од средства на Министерството за труд и социјална политика, од Буџетот на општина Охрид,од сопствени приходи на градинката и од донации и од кредитни средства обезбедени преку Светска банка од средства обезбедени од Светска банка.
OhridNews