Едно четиригодишно девојче во Египет е заразено со смртоносниот вирус на птичји грип Х5Н1, со што бројот на заболени лица во таа земја се зголеми на 32.

Девојчето како што соопшти египетското Министерство за здравство,  е од провинцијата Каљобија, северно од Каиро. Тоа е трето дете заразено со птичји грип во Египет.
Трите деца се лекувани со вакцината „Тамифлу“. Египет има најголем број потврдени случаи на луѓе заразени со птичји грип надвор од Азија. Досега од болеста во Египет починаа 13 лица.

Случаи на птичји грип се регистрирани и во две фарми во Јужен Виетнам, каде што угинаа 64 патки. Светската здравствена организација соопшти дека во Виетнам од птичји грип починале 42 лица, откако заразната болест се појави во Азија кон крајот на 2003 година.