Четворица кандидати ќе ја водат битката во Охрид на претстојните избори закажани за 19 октомври за градоначалничката функција.

Меѓу нив актуелниот градоначалникот Кирил Пецаков како кандидат на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, Асен Шајн од СДСМ и Коалицијата, Гоце Цветкоски како незвисен кандидат и Стевче Стевоски како кандидат од Твоја партија.

По добивањето на довербата од матичната партија ВМРО ДПМНЕ за уште еден градоначалнички мандат, Пецаков изрази благодарност до граѓаните и партискиот лидер Мицкоски и членовите на ИК ВМРО ДПМНЕ за укажаната доверба.

За мене тоа е голема чест, а во исто време претставува голема обврска и одговорност која повторно до крај ќе се трудам да ја оправдам. Драги охриѓани. Верувам дека довербата која ми ја дадовте во првиот мандат ја оправдав. Верувам дека преку секојдневната отворена комуникација со Вас успеавме да ги решиме поголем дел од проблемите кои со децении тлееа, рече Пецаков.

Кандидатот на СДСМ и Коалицијата Асен Шајн, доктор, специјалист, поранешен директор на Општата болница Охрид и актуелен претседател на Општинската организација на СДСМ -Охрид, изрази благодарност до своите сопартијци за акламативната поддршка и довербата за неговата кандидатура за градоначалник.

Оваа поддршка ми е обврска да работам посветено, одговорно и транспарентно за доброто на нашиот град и сите охриѓани. Јас ветувам искрен пристап, конкретна работа и силна борба за секој проект, секој проблем и секоја неправда. Ќе се слушне гласот на граѓаните. Ќе се видат резултатите. Ќе се врати довербата. Заедно сме посилни од се и заедно ќе донесеме подобар живот во нашиот град!, посочи Шајн.

Независниот кандидат Гоце Цветкоски учествуваше во изборниот процес за градоначалник како кандидат од ТМРО во 2021 година.

Кандидатот Стевче Стевоски од Твоја партија по трет пат влегува во трката за градоначалничката функција, откако во 2019 година беше кандидат од партијата Демократи, а на локалните избори во 2017 учествуваше како независен кандидат. На изборите во 2021 година Стевоски беше предводник на независна советничка листа.

Што се однесува до советот, поднесени се вкупно 11 листи за членови на советот на Град Охрид, 7 од партии и 4 независни листи.

Н.С.Ј.