На неодамнешниот маратон во програмирање „Codefest“, охриѓани уште еднаш докажаа дека градот претставува расадник на млади и талентирани програмери. Овој пат, четворица наши сограѓани ги покажаа квалитетите пред голем број на стручни лица од ИТ областа, добивајќи од жирито оценка за најдобра веб имплементација на целиот настан.
Климент Зафировски, Стефан Спирковски, Бојан Станиќ и Славчо Димитриевски, се четворицата ентузијасти од тимот „Not Availble“, кои учествувајќи на 24 часовниот маратон во програмирање, го освоија третото место. Во конкуренција на 65 програмери од земјава поделени во 12 тимови, тие ги докажаа своите квалитети развивајќи веб апликација за домашен буџет.
„На неодманешниот програмерски маратон “Codefest“, нашиот тим развиваше апликација за домашен буџет, односно за водење евиденција и статистика. Сакавме да направиме нешто, кое ќе може да го користи секој. Конкуренцијата беше добра, со одлични програмери и интересни идеи. Главната цел е постигната, а се надевам дека сите тие апликации кои излегоа од амфитеатарот на УИНТ, ќе ги видиме за брзо време на пазарот.“ – вели охриѓанецот Бојан Станиќ.
Нивните почетоци во програмерските води, датираат од средношколските клупи со „популарниот“ Паскал, па преку програмските јазици C и C++, до повеќе наменскиот C#.
„Достапноста на самата технолгија, го прави начинот на програмирање поинтересен и попривлечен за сите генерации. Иако сите се определивме кон некој програмски јазик, без познавање на другите не може да се изработи еден софтвер. Јас преферирам веб дизајн, а последно време сум ориентиран кон PhP. Климент и Бојан се насочуваат кон .Neт, поточно програмскиот јазик C# на MVC платформата.“ – вели нашиот сограѓанин Стефан Спирковски.
Мотивот за да се биде дел од еден ваков настан, кај нашите сограѓани произлегува од претходното учество на WOWZAPP во Скопје, но и од големината на Codefest, која за прв пат се организира во Охрид, односно на УИНТ.
„Како студент на Универзитетот за информатички науки и технологии ,,Св. Апостол Павле” – Охрид, добив желба да се пријавам на Codefest. На овие настани, покрај тоа што има дружење и работа, постои можност да се научат многу нови работи. Тие се поткрепа за иден професионален развој на еден програмер, бидејќи покрај развивањето апликацијата, се стекнуваме со искуство како се води еден голем проект.“ – истакнува Климент Зафировски.
Како што потенцираат момците од „Not Availble“, тимскиот дух и меѓусебната соработка, се причините поради кои целиот процес на развивање на прототип веб апликација минал лесно.
„Активностите беа поделени и се знаеше кој за што е задолжен. Јас и Бојан за програмирање, Стефан за дизајнот, а Славчо беше задолжен за поддршка која беше потребна за проектот. Програмирањето траеше 24 часа. За време на кратките паузи, имаше различни игри за градење на тимски вештини. Сетоа тоа, придонесе овој маратон да стане интересен и да не зближи повеќе како тим.“ – додава Зафировски.
Покрај програмирањето, на настанот биле презентирани проекти од менторите, кои долго време се занимаваат со ИТ технологиите.
„Двајца беа професори на УИНТ. Еден од нив, одржа одлична презентација за минималистички дизајн. Исто така, имаше и двајца ментори од Сивус од која едниот е MВП. Позитивната работа на овие настани, е тоа што имавме можност да научиме многу работи од искусни програмери. Се на се, условите беа беспрекорни, а обезбедени ни беа храна и течности за време на маратонот.“ – вели Станиќ.
Портофолиата на нашите соговорници се директно врзани за информатичката технологија, а сите можат да се пофалат со поединечни ангажирања и успеси.
„Имам работено на повеќе проекти како веб дизајнер и девелопер. Покрај тоа, се насочив кон сигурносни системи, одбрана од компјутерски напади и форензика. Преку програма за размена на студенти во САД, се стекнав со одлично искуство. Бојан има завршено на Електро машинскиот факултет во Скопје, а јас и Климент сме студенти на УИНТ.“ – истакнува Спирковски.
Во слободното време, покрај програмирањето овие млади луѓе знаат да одвојат некој час за своите омилени активности.
„Не е едноставно да одвоиш време за некое хоби. Бидејќи имам голема љубов кон фотографирањето, конкретно со тоа се занимавам во слободното време. Тоа е една моја пасија, а секој слободен момент го користам за фотографирање. Останатиот дел од денот, го одвојувам за дружење, излегување и играње видео игри.“ – вели нашиот сограѓанин Зафироски.
За во блиска иднина, нивните планови се насочени кон доразвивање на прототипот на веб апликацијата, со кој освоија 3-то место на програмерскиот маратон.
„Првично, нашата идеа е оваа апликација да ја понудиме како бесплатана верзија на пазарот, за да видиме колку луѓето се заинтересирани за ваквиот продукт. Што се однесува до настаните, секако дека имаме план да учествуваме на уште вакви работи, бидејќи овие настани се ретки но битни за студентите од оваа област. “ – истакнува Спирковски.
За крај, Зафировски, Станиќ и Спирковски им порачуваат на сите млади програмери да ги посетуваат овие настани, од кои можат да се научат многу работи.
„Искуството од експертите ќе ве научат како се работи во тим. Посетувајте ги овие настани кои се бесплатни, бидејќи нема што да изгубите. Пробајте ги сите технологии и не се насочувајте кон една. Се надевам дека сите овие настани ќе прераснат во традиција.“ -порачува Станиќ.
Инаку, настанот кој се одржа изминатиов викенд, беше организиран од тројца студенти на УИНТ, Јасна Тренгоска, Александар Митревски и Вилијам Асиама, а беше подржан од самиот универзитет, SITE клубот и повеќе компании.
О.Т.