Тринаесет семејства кои имаат деловни објекти наспроти меѓуградската автобуска станица во Охрид, се жалат дека општината не сака да изврши нивна легализација, иако во четири наврати добиле позитивни решенија од второстепената комисија при министерството за транспорт и врски.

-Иако му го поништува решението на градоначалникот и му дава насоки како да поостапи за да го реши случајот, општина Охрид – секторот за урбанизам, од само за нив познати причини, повторно носи негативни решенија. – вели Габриела Милеска, сопственик на објект.

За овие имоти решение за легализација донел советот на општина Охрид во 2013 година, но ниту таа одлука не се спроведува, велат сопствениците. Додаваатт дека една година безуспешно бараат средба со градоначалникот Бакрачески. Се обратиле и до правобранителот, а го повикуваат и премиерот да помогне да се реши случајот.

-Додека премиерот оди по сите држави и од надвор бара инвеститори за да се вработат луѓе, во Охрид тука сме преку 100 вработени, 13 семејства, а општината не го спроведува законот и си стојат на некој нивни став, а во законот нема ставови туку членови. – додава Габриела Милеска.

-Ние ќе одиме до крај. Не планираме да се откажеме бидејќи сме во право, тоа го потврдува второстепената комисија и сите институции до кои сме се обратиле.- рече Гоце Милески.

Од локалната самоуправа информираат дека основ за легализација на спорните објекти нема. Објаснуваат дека истите се изградени во 1989 година од страна на општина Охрид со одлука на тогашниот Извршен совет кој одобрил локација за привремени објекти, односно сервисно услужен центар.

-Имајќи го во предвид гореспоменатото, барателот на легализацијата на времениот објект не ги градел објектите туку истите се градени по налог на општина Охрид согласно заклучокот на извршниот совет. Доколку се градени други објекти кои согласно законот претставуваат посебна функционална целина од времените објекти во тој случај согласно законот за постапување со бесправно изградени објекти може да се води постапка за легализација на објектите изградени мимо времените објекти. – се вели во соопштението на Општина Охрид.

Од локалната уште додаваат дека согласно насоките во решението од второстепената комисија , општината е должна во повторената постапка да ги утврди наводите и да постапи по истите. 

Г.М.