Од година во година расте бројот на деца кои имаат проблеми со учење, деца кои неправилно зборуваат, деца кои имаат артикулациски проблеми. Сите би се запрашале кој е проблемот дали е тоа само новиот начин на живеење, стресно време, изложеност на технологии, предверемо родени дечиња, начин на исхрана. Многу работи влијаат на развојот на децата вели Ангела Чингоска, специјален едукатор во Центарот за рана интервенција „Во мојот свет“.

Децата се премалку стимулирани во секојдневното живеење во онаа возраст кога треба најмногу да учат, за да можат да го достигнат потребното ниво на развој по природен пат соодветно на возраста. Затоа и доаѓа до вакви проблеми каде ние треба да работиме со децата. Се уште треба да се работи на подигнување на јавната свест, но и доста родители почнуваат да бараат стручна помош кога гледаат дека децата имаат проблем со говор, со внимание или доколку увидат дека детето не реагира на некои работи, како што би реагирале другите деца, додава Чингоска.

Досега во програмите на Центарот биле вклучени над 110 деца, а во моментов активни се 80 деца. Најголем дел  се на возраст од година и пол до пет години. Но, имаме и неколку деца кои се на шест и седум годишна возраст, додава Чингоска.

Алудираме на тоа родителите што порано да си ги донесат децата кај нас, бидејќи можност да се влијае на развојот на дететето е во најрана возраст. Гледаме да биде тоа барем до 5-та или 7-та година, во предшколска возраст, кога детето најмногу може да прими, за да се обликува однесувањето и на некој начин да ги подобриме неговите способности. Така да, колку порано се донесе дете во Цетарот толку се поголеми шансите за подобри резултати, вели Чингоска.

Кога децата ќе дојдат прв пат во центарот по разговорот се прави опсервација на детето две до три недели, за да се видат неговите потреби и можности. Во соработка со психолог се прави развојна проценка. Врз основа на ова се договара план за работа за 3 до 6 месеци. Во долгорочниот план се дефинираат целите, на кој начин поблиску би се доближиле до календарската година на детето односно интелектуалната способност, менталната возраст и когнитивниот развој. Врз основа на дополнителни проценки ние можеме да увидиме што детето може да прави, а што треба да се постигне. По овој план се поставуваат цели со цел да се извлече максимумот од детето додава Чингоска.

Н.С.Ј.