Неформалното еко движење „Чист Охрид“ денеска ја одржа десеттата акција. Се чистеше патеката од улицата „Марко Цепенков“ до Општата болница. Ова е трета акција на „Чист Охрид“ околу болницата. Волонтерите собрале 20 вреќи и кутии со големи количини скршено стакло.
Од „Чист Охрид“ појаснуваат дека денешната акција е реализирана на јавна површина и повторно бараат објаснување од јавното комунално претпријатие за ефикаснста, откако двете страни си разменија серија меѓусебни обвинувања по минатонеделната акција на „Чист Охрид“ во која биле опфатени и приватни имоти околу болницата. Од „Чист Охрид“ ги отфрлаат обвинувањата упатени на нивна адреса од ЈП „Охридски Комуналец“, посочувајќи дека не држат објаснувањата на јавното претпријатие оти тоа нема обврска да чисти приватни имоти.
-Според законот Комуналец индиректно стекнува надлежност за чистење на приватни површини, а воедно истакнуваме дека денешната акција во целост се спроведе на земјиште кое е заведено како државна сопственост, што значи дека е директна и неизбежна обврска на „Охридски Комуналец“, и откако се дојде до бројката од 70 вреќи на посочената локација, би сакале да го запрашаме Комуналец како ја објаснува алармантната ситуација? – стои меѓу другото во соопштението на „Чист Охрид.
Оттаму бараат објаснување од Општата болница зошто има толку отпад на тревнатите површини околу болницата и за состојбата во која се наоѓаат контејнерите за медицински отпад, забележувајќи дека надвор од нив се расфрлани различни медицински садови полни со крв и останати супстанци.
-Зошто медицинскиот отпад е на тревната површина, измешан со останатиот отпад и зошто не е соодветно складиран на местото определено за тоа? – прашуваат од „Чист Охрид“.
OhridNews