Состојбата на оштетената брана на Слатинското Езеро, е непроменета, но таа и натаму се оценува како мошне сериозна. Неофицијално дознаваме дека низ пукнатината на насипот од земја и камења вечерва почнало да истекува чиста вода, што според стручњаците може да претставува знак на стабилизација на земјиштето. Но, надлежните предупредуваат дека ризикот од уривање на браната се уште е присутен, а во прилог на ситуацијата не одат ниту временските прилики. Метеоролозите за денес и утре најавуваат обилни врнежи од дожд, што дополнително ќе го зголеми притисокот врз оштетената акумулација.
Нуркачи од специјалниот тим на Дирекцијата за заштита и спасување, вчера се обидоа да го отворат главниот вентил кој се наоѓа на средината од езерото длабоко десетина метри. Поради големиот талог на дното обидот не успеал. Со евентуалното испуштање на водата од вентилите се очекува да се намали притисокот врз браната, но и доколку тоа биде направено опасноста од нејзино уривање се уште ќе биде присутна, бидејќи ќе бидат потребни 20 до 30 дена да се испразни езерото, предупредуваат од Центарот за управување со кризи.
Според проценките на кризниот штаб, најголема опасност во случај на пробивање на водата им се заканува на земјоделските површини во атарот на селата Слатино, Слатински Чифлик и Издегјавје.
-Непосредна опасност има само по дел од куќите во Слатински Чифлик. Тоа село има 10 до 15 куќи од кои што 3-5 куќи се сериозно загрозени.-изјави вчера Митко Темелкоски од ЦУК Охрид.
Жителите од загрозените делови на Слатински Чифлик се евакуирани. Тие, како и населението од околните села стравуваат за својата иднина доколку езерото ги поплави нивните ниви, кои на најголем дел од нив им се единствен извор на егзистенција.
Вештачката акумулација во атарот на селото Слатино, е изградена во 1963 година и се користи за наводнување на околу 450 хектари плодна земја во Дебрца. Таа се полни со вода од Мраморечка Река и акумулира околу 1,4 милион кубни метри вода. Според кажувањата на локалното население освен помали интервенции, таа никогаш не била санирана и покрај оштетувањата кои се зголемувале од година во година.