Во рамки на кампањата од Делегацијата на Европската унија во земјава, насловена „Чисто-како дома исто“, денес во Охрид се реализира акција за чистење на Охридското езеро и крајбрежјето. Основна цел на кампањата што се спроведува неколку месеци, е подигнување на свеста за заштитата на животната средина и секој да води грижа за животната средина онака како што се грижи за домот.

  • Прекрасно е да се биде во Охрид за кампањата и кога ги гледам сите овие учесници подготвени за чистење на отпадот од езерото. Среќен сум што можам да забележам дека иницијативите и желбата за учество на граѓаните и здруженијата во еко акциите е се поголема. Ги повикуваме и општините да земат учество за наградата Европска општина на годината која им се доделува на оние општини кои се најангажирани во одржувањето на чиста животна средина, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Денешната акција ја организра Македонска асоцијација за управување со цврст отпад, а се приклучија и локалната самоуправа, јавните претпријатија, Црвен крст, нуркачите од клубот Охрид и граѓани.

  • Во Македонија на годишно ниво се собираат околу 700.000 тони отпад, кои треба да се депонираат соодветно. Ова е многу голема проблематика на чиј сме почеток. Во земјава има добра легислатива и добри закони, но имплементацијата на терен уште е на ниско ниво. Недозволиви се дивите депонии кои никнуваат на секој чекор. Има план за нивно затворање и отварање на регионални депонии, најблиску сме до реализација на планот во североисточниот дел од Македонија, изјави Даниела Нелепа, претседател на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад..

Градоначалникот Константин Георгиески, кој и самиот активно учествуваше во акцијата заедно со другите нуркачи од клубот Охрид, ја поздрави иницијативата за одржување и упати благодарност до организаторите.

  • Ние како локална самоуправа ќе продолжиме да ги поддржуваме сите акции кои се во насока за зачувување на статусот на Охрид како заштитено подрачје под УНЕСКО и се надевам дека и во иднина ќе имаме уште повеќе вакви акции, рече Георгиески.

Денешната акција е вовед во конференцијата која ќе започне денес во 19 часот во Охрид на која ќе се расправа околу управувањето со цврстиот отпад, а на која ќе земат учество 47 странски гости од десет земји.

OhridNews