Членовите на локалното Здружение за заштита, помош и вдомување животни, „Анималиа“ бараат прием кај градоначалникот Никола Бакрачески со цел да се разговара за бројните проблеми кои ги засегаат охриѓани, како што велат , кои под итно треба да бидат решени.

За Охрид и нашето здружение еве се слушна и до Швајцарија. Долг пат изодевме за ова да го постигнеме, сепак тешко се стекнува доверба кај странците дека сме невладина организација во правата смисла на зборот, поради многуте „невладини“ организации кои ги има во Македонија, кои работат несовесно и кои се профитно-инспирирани, при што трпи имиџот и на оние, малкуте вистински, посветени на каузата. Огромен успех е ова за нас како организација и за животните. Ова е успех и за градот Охрид – преку нашата организација го промовираме истиот во странство. Она што сега го чекаме е средба со градоначалникот ,со месеци се обидуваме да се оствари таа средба и секогаш „поважни“ работи излегуваат и секогаш некако се нема време, велат од Анималиа.

Меѓу проблемите кои ги наведуваат е ситуацијата со бездомните кучиња и можноста граѓани да ја тужат општината доколку бидат нападнати од некое од кучињата. 

Проблемот не се решава ако се каже еве ви неколку кафези (конкретно 11, од кои 2 веднаш беа руинирани од страна на кучињата затоа што набрзина беа залемени шипките) и терајте. Треба спроведување на електрична енергија, измрзнавме и ние, а и кучињата привремено сместени. Исто така не можеме да почнеме со стерилизации во незагреана просторија, треба соодветна ограденост на просторот за да се спречи излегување на кучињата, треба исполнување на одредбите од Правилникот за изградба на прифатилиште со цел да не се соочиме со инспекциски казни, треба финансиска инекција, бидејќи волонтерски, од љубов кон животните, решаваме еден круцијален проблем со кој се соочува градов, со пари од сопствен џеб и евентуално некоја така ретка донација. Треба возило , не можеш цела храна да ја носиш на велосипед и по -10 степени), треба перманентна соработка со ветеринарна служба, додаваат од Анималиа.

Оттаму со апел до градоначалникот за прием во што пократок рок, со цел да се искористи нивниот ентузијазам и расположеноста на странските лица со кои се во контакт.

Зошто Охрид да не постане првиот град во Македонија, а и пошироко, кој ќе се гордее со тоа како се справува со проблемот со бездомните животни? Зошто Охрид да не се промовира како туристички град и по овој основ? Повеќето туристи се љубители на животни. Сепак не сме, како што знааат најчесто некои да речат – „мали деца кои само си играат со животинките“! Ние сме само човечки битија, кои сочувствуваат со животните и кои сакаат да направат подобри услови за нив! А тоа сами, 5-6 волонтери, не можеме да го постигнеме!, порачуваат од здружението.

OhridNews