Анализите на Националниот конзерваторски центар покажуваат дека фреските во храмот „Свети Димитрија“ се исчистиле поради големото количество влага по генералното чистење на храмот пред Велигден, додека Македонската православна црква се сомнева во ваквите резултати и смета дека сепак станува збор за чудо.
Според пишувањата на дневниот весник Вечер, којшто се повикува на извори од Националниот конзерваторски центар, дефинитивно е докажано дека ѕидовите во Свети Димитрија не се допрени со рака.
„Зачадените фрески не се исчистени со “сјај”, ниту со некои растворувачи. Вистинскиот чистач на патината од зачадените фрески е зголемената кондензација и големото количество влага што се случи по генералното чистење на храмот пред Велигден. Всушност, како и секоја година така и оваа, подот се трие и се чисти со плискање вода од кофи, која потоа испарува. Тоа предизвикало хемиска реакција на ѕидовите од која се исчистила патината и чадот од златната боја на фреските“, вели изворот на Вечер.
Но од Македонската православна црква преку соопштение до јавноста изразија сомневање на овие резултати и велат дека подот на храмот не се чисти со плискање на кофи, туку со џогер.
„Подот не се чисти на тој начин, бидејќи храмот нема одвод, туку се чисти со помошно средство – џогер кое само се навлажнува во вода. Оттаму, толку ли е големо ова количество на вода, па да придонесе до таков степен на влага и кондензација, односно да покрие толку голем простор. Второ, храмот не се чистеше на овој начин само пред минатогодишниот Велигден, тоа се случува откога тој постои. Истовремено, се прашуваме, во контекст на аргументите на експертите дека за самочистењето се „виновни“ „обилните дождови и новоградбите кои ја спречуваат циркулацијата на воздухот“ – како процесот продолжи и во изминатиот период, односно по првичната појава процесот продолжи, кога ниту имаше дождови, ниту влага и зошто сето тоа не се случи порано, особено во зимскиот период минатата година, кога имаше обилни наноси на снег и вода?“ се вели во соопштението.
МПЦ го задолжила надлежниот архиереј на Скопската епархија да ја документира „оваа пројава на Божјата благодат“, за што е формирана комисија која ги следи необичните појави на фреските и иконите во „Свети Димитриј“, за што се очекува да поднесе и свои видувања и оценки за чудото во овој скопски храм.
НУ Конзерваторски центар-Скопје(НУКЦ) не вршеше испитување на влијанието на влагата врз фреските во скопскиот православен храм „Свети Димитрија“. Во соопштението упатено до јавноста, од Конзерваторскиот центар потврдуваат дека нивен тим извршил хемиски анализи на фреските, при што наодите покажале дека на фреските немало траги од чистење со органски средства, пренесува „Макфакс“.
Од Конзерваторскиот центар ги демантираат информациите во медиумите дека тие потврдиле оти влагата е причинител за чистењето на фреските, додавајќи дека оваа установа нема апарати со кои би ја измериле влажноста во објектите.
„Во моментов НУКЦ е во постапка за набавка на апарати за мерење на влажноста со кои допрва ќе се вршат повеќегодишни следења на висината на процентот на влажноста во објектот“, се вели во соопштението од Конзерваторскиот центар.