Односите помеѓу општините Струга и Вевчани се заладени по серијата остри изјави кои уследија по поставувањето на патоказите на регионалниот пат кој води за Дебар, на кои, топонимите во струшко, меѓу кои и Вевчани, покрај на македонски и англиски се испишани и на албански јазик.

По реакцијата на општина Вевчани, патоказите пред влезот во ова населено место се променети, односно се испишани само на македонски и англиски јазик.

-Општина Вевчани 100 процентно е македонска православна општина и немаше потреба од поставување такви табли по што поднесовме барање по кое постапи Агенцијата за патишта.-објаснува градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски.


Цветомир Угриноски

Ваквите ставови се неприфатливи за градоначалникот на Струга Зијадин Села. Тој изрази чудење од брзината со која Агенцијата за патишта ги промени поставените тријазични патокази, споредувајќи го случајот со Република Српска.

-Само во Република Српска се бришат топонимите испишани на латиница. Јас не сакам Струга да биде Република Српска и нема да дозволам, а полицијата треба да преземе мерки и да ги фати тие што бришат патокази дали биле тие на македонски или на албански јазик.-рече Села, кој најави дека ќе бара кривична одговорност за бришењето на топонимите.


Зијадин Села

Градоначалникот Села побара од надлежните институции да се утврди и прецизира границата помеѓу општините Струга и Вевчани која, неодамна, во близина на регионалниот пат за Дебар изгради порта Вевчани, каде се возобновува и манастирот Св. Ѓорѓија. Доколку биде утврдено дека портата е изградена на територија на општина Струга, Села најави дека истата ќе биде прогласена за дивоградба и ќе ќе биде постапено по закон.

-Ако по претпоставка се случи тој објектот да е во општина Струга тогаш не знам што со него. Законот за легализација помина и нема логика општината да поднесе барање за легализација на нелегален објект.-рече Села.

Градоначалникот на Вевчани смета дека изјавите на неговиот колега од Струга се избрзани или се политички мотивирани, посочувајќи дека портата претставува туристички патоказ.

-Портата Вевчани е длабоко на територија во општина Вевчани. Таа е на еден километар од Велешта и на повеќе од километар и пол од атарот на Лабуништа.-истакна Угриноски.

Односите помеѓу општините Струга и Вевчани беа сериозно заладени и на почетокот на минатата година кога василичарска маска предизвика лавина протести кај муслиманското население од струшко, кои ескалираа со палење верски објекти и серија инциденти.

Г. Момироски