Стружанецот Ристе Чуркоски утрово од 7.30 ќе ја започне одисејата по Охридското Езеро. Најтрофејниот македонски кајакар на мирна вода, на државниот празник ќе стане првиот што во кајак-маратон го обиколил Охридско Езеро.


Сам ќе веслам, а ќе ме следи тим од новинари, лекар, претставници на општините Охрид, Струга и Поградец. Кајакари веслаат локално, од град во град, но досега целиот круг, кој има 90 км, никој го нема поминато одеднаш – вели Чуркоски.

Идејата за кајак-маратон има поддршка од трите општини, Охрид, Струга и Поградец. Тој смета дека со маратонот ќе се поттикне развојот на туризмот воопшто во двете земји, особено за оние што сакаат активен туризам.

Годинава маратонот ќе биде на 8 септември, но во иднина има размислување датумот за овој маратон да биде на 21 јуни, Денот на Охридско Езеро.  Предвидено е соло-маратонот на Чуркоски да почне во Струга, а по неколку застанувања во градовите и местата на брегот, тој да заврши околу 17-18 часот, одново во Струга.

М.П.