За грчкиот премиер Алексис Ципрас, неговата денешна посета на Македонија заедно со делегација на Владата на Грција, е историски чекор напред за Балканот и за Европа. Како што рече Ципрас, тука се за да се најдат решенија, да се гледа напред, кон иднината, да се премостат јазовите, да се градат мостови наместо ѕидови.

Според Ципрас, заедно со Заев, сакаат да изградат поинаква историја, да го сменат наративот на традиционална омраза и поделби, да изградат соработка, заедничко разбирање, што ќе биде успех за целиот Балкан и за Европа.

  • Мојата посета е прва официјална посета на грчки премиер во вашата земја. Изгубивме многу време, три децении, треба да трчаме, да брзаме за да ги премостиме тие јазови. 30 години ни беа потребни да ги воспоставиме овие нормални односи“, изјави Ципрас.

Премиерот Заев рече дека оваа историска посета е силен израз на заедничката политичка волја и јасен знак за решавање на отворени прашања како придонес за еден нов Балкан.

  • Од 17 јуни минатата година кога нашите две земји го потпишаа Договорот од Преспа пишуваме историја во неколку наврати. Грција е првата земја што го потпиша Протоколот за членство во НАТО, што е наш стратешки стремеж, а премиерот Алексис Ципрас упати повик до ЕУ да започне преговори за членство со нашата држава. Сето тоа е за победа на политиката на напредок, за мир и пријателство меѓу народите“, изјави Заев.

Двајцата премиери го најавија и отворањето нов граничен премин кај Кавадарци, со што ќе се зацврсти соработката во туризмот и во трговијата, а ќе ја подобри и комуникацијата меѓу граѓаните од двете земји.

Заедно со Ципрас во нашата земја престојуваат и членови од грчката влада, како и претставници од над 400 компании.

OhridNews