Петтото издание на програмерскиот маратон „Cоdeference“, денеска беше отворено во Охрид со меѓународна конференција на која учествуваат еминентни стручњаци од IT секторот од целиот свет и млади програмери.

-Настанот е осмислен како своевидна мотивациска платформа каде што младите луѓе од Македонија и регионот можат да започнат и развиваат свои бизнис-проекти, при што ќе имаат можност да црпат знаења и искуства од врвни експерти професионалци од областа од целиот свет кои се присутни тука, истакна Јасна Тренгоска, кооснивач на манифестацијата која, како што рече, на младите програмери им отвара можност за почнување мали бизниси од областа на информатиката. 

Манифестацијата е поддржана од фонд за иновации и технолошки развој што на младите програмери треба да им помогне да започнат сопствен бизнис.

-Доделуваме 1,45 милиони евра на 25 компании, од кои очекуваме барем 15 да бидат „старт ап“ млади компании со иновативни решенија. Ова е трета година како доделуваме поддршка и се надеваме дека ќе имаме добри апликации на повикот што е отворен до 3 мај, изјави директорот на фондот, Јасмина Поповска.

Дека настанот има позитивни ефекти сведочи успехот на минатогодишните победници кои за помалку од една години успеаја целосно да го развијат и пласират својот производ на пазарот. Дваесеттина тимови што учествувале на изминатите маратонски натпревари веќе имаат остварено соработка со странски „стартапи“ и се во фаза на изготвување на своите производи на светскиот технолошки пазар.

Во рамки на настанот ќе се одржи  „Бизнис-експо“ каде ќе се претставаат десет компании од областа на информатичката технологија и програмирањето, како и „старт-ап“ компании за млади програмери, а ќе се одржат и мултидисциолинарни работилници. Натпреварувачки дел, односно 32-часовниот „Codefest marathon“ ќе се одржи на 8 април. Годинава учество ќе земат 27 тимови од регионот, поделени во три категории – млади до 16 години, студенти од 17 години до мастер студии и професионалци. Тие во текот на 32 часа ќе разработуваат иновативни идеи и програмски прототипи, а победниците ќе бидат прогласени во недела кога завршува манифестацијата.

OhridNews