Туристичките потенцијали на Црна Гора презентирани пред охриѓани. Туристичките работници имаа можност да ја претстават туристичката понуда на црногорското приморје, но и дел од традиционалните специјалитети, а беа доделени и награди на неколку охриѓани за посета на некое од туристичките места во Црна Гора.

Тијана Котарац од Туристичка организација на Општина Будва, вели дека оваа година пред се ориентирани се на туристите од регионот, а потоа и на пазарите кои се малку подалечни од сегашните.

Македонските гости ни се особено драги, тоа се традиционални гости кои веќе децении наназад летуваат на црногорското приморје. Бевме во Приштина, па во Скопје и еве сега во Охрид, продолжуваме во Тирана. Нашите колеги се во Србија и Босна и Херцеговина. Се потрудивме да го опфатиме целиот регион кој нас ни е битен, бидејќи гостите од овој регион нас ни сочинуваат 30% од вкупниот број на гости, вели Котарац.

Кризата во Украина, вели, сигурно ќе се одрази на бројот на гости кои доаѓаат од Русија и Украина и тоа во многу значаен број, но истражуваме некои нови пазари.

Весна Поповиќ од компанијата Монтенегро старс вели дека очекуваат добра туристичка сезона.

Според најавите очекуваме добра туристичка сезона, без оглед на случувањата со руско-украинските пазари имам доста туристи од Запад, Скандинавија, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Република Српска и Албанија. Очекуваме една успешна сезона и се надеваме дека Ковидот конечно се смири и нема да се враќа. Туристите од Македонија на црногорското приморје ги имаме и за време на новогодишните празници, не само во летниот период. Задоволни сме од посетеноста што некаде во бројќи би значело околу 40 000 гости. Соработуваме и со многу туристички агенции од државава, додава Поповиќ.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков кој оставри средба со туристичките работници.

Промотивни каталози и фалери беа поставени на шатдовите, а атмосферата дополнително беше збогатена со музичка програма. Настанот беше во организација на Националната туристичка организација на Црна Гора.

Н.С.Ј.